Македонија

Град Скопје се вклучува во „Час на планетата Земја“

Град Скопје се вклучува во „Час на планетата Земја“

Градот Скопје во сабота од 20:30 до 21:30 часот ќе се вклучи во одбележувањето на светски познатото движење „Час на планетата Земја“ со исклучување на уличното осветлување на улицата Македонија, плоштадот „Македонија“ и плоштадот „Филип Втори“, како и на илуминациите на палатата „Пелистер“, Ристиќевата палата, Камениот мост, Скопската тврдина, мостот „Око“, Мостот на уметноста, Археолошкиот музеј и Музејот на македонската борба за самостојност.

Организатори на оваа акција се Градот Скопје, Здружението за заштита на животната средина „Часот на планетата Земја 60+“, Црвениот крст и Министерството за животна средина и просторно планирање. Акцијата е поддржана и од ЕВН, која ќе го исклучи и повторно ќе го вклучи осветлувањето на наведените објекти без надоместување на финансиските трошоци.

Во сабота, во предвидениот период, поддржувачите на движењето „Час на планетата Земја“ во целиот свет ќе ги исклучат светилките и ќе испратат порака за намалување на користењето на енергетските ресурси и за намалување на климатските промени. Ова планетарно движење е поддржано од организацијата WWF (World Wildlife Fund), се спроведува во 162 држави во светот и во голем број светски метрополи.