Град Скопје снабди машина за пресадување на дрвја

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, секретарот на Град Скопје, Марјанчо Тодоровски и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ денеска  присуствуваа на промоцијата на новата машина за пресадување на дрвја.

– Градот Скопје ја набави новата машина за пресадување на дрвја за потребите на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Возилото е од марката IVECO а на истата е инсталирана дополнителна механизација и електроника за пресадување на дрвја. Со користењето на ваква механизација при уредувањето на зеленилото, садниците ќе можат да се пресадат и транспортираат на брз и ефикасен начин, без притоа да се нанесе штета на дрвата. Ова значи дека со ова возило и механизација, при изградба на разна инфраструктурa, нема да има потреба за сечење на старите дрвја, туку истите ќе бидат безбедно пресадени на друга локација. Градот Скопје е прва единица на локална самоуправа во регионот која набавува ваква механизација, која очекуваме значително да помогне во работата на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ и да даде голем придонес во заштитата на зеленилото и животната средина, кажа градоначалникот Трајановски.

presaduvanje-drva

Машината за пресадување на дрвја има четири лопатки во функција, кои додека се отворени достигнуваат дијаметар од 1,5 до 2,7 метри, додека кога се затворени ширината на дијаметарот е од 1,7 до 2 метри. При работна функција тежина на носивост на надградбата е од 2.350 до 2.700 килограми.

Ова машина може да се користи за пресадување на дрвја со стебло со максимална дебелина до 40 сантиметри. Механизацијата за пресадување на дрвја ќе се користи онаму каде што дозволуваат условите на терен и истата не може да се користи на терен и локации каде постоjат плитки подземни инсталации.

koce-presaduvanje-drva2

За набавката на оваа машина за пресадување на дрвја Градот Скопје потроши околу 10 милиони денари, средства обезбедени со Проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој-Светска банка.