Град во кој ќе живеат само жени ќе се гради во Саудиска Арабија

Индустриски град во кој ќе живеат и работат само жени најверојатно ќе се гради во Саудиска Арабија. На овој начин во земјата ќе се направи компромис меѓу строгиот шеријатски закон и желбата на жените да градат деловни кариери.

Се очекува женската општина лоцирана на истокот на земјата да привлече инвестиции тешки околу 100 милиони евра, и да обезбеди 5.000 работни места во текстилната, фармацевтската и прехрамбената индустрија. Иако Шеријатскиот закон формално не им забранува на жените да работат, статистиката покажува дека жената зазема само 15 отсто од работната сила во оваа земја. Најновиот план на владата е да им овозможи на жените поактивно да се вклучат во развојот на земјата.

Идејата е за почеток вработување на жените на местото на досегашните работници од странство. Летово почнаа како продавачи во парфимерии и слични продавнички, пред половина година ги заменија мажите во одделот -продажба на женска долна облека.

Сепак и покрај ваквиот напредок, жените во Саудиска Арабија остануваат лишени од основните човекови права и слободи.

Во септември минатата година кралот Абдула најави дека жените ќе можат да гласаат и да бидат дел од локалните избори 2015 година, но Саудиска Арабија и натаму е единствената земја во светот која им забранува на жените да возат автомобил, а Меѓунардниот олимписки комитет едвај ја убеди државата да им дозволи на спортистките да учествуваат на Олимпијадата.