Градежни работници од Црна Гора, гладуваат во Русија

Градежни работници од Црна Гора кои работат во Русија тврдат дека се измамени, бидејќи не се исплатени за работата и сместени се во субстандардни услови без храна и здравствена заштита, пишува денеска Вијести.

Весникот пишува дека две групи работиници од Црна Гора заминале во Русија, а едната група која се наоѓа во градот Уфи во Башкортостан, во Руската федерација тврдат дека не се платени за работата која ја завршиле и дека немаат никакви услови за престој.

Во решението на проблемот на 20 црногорски работници се вклучила и Амбасадата на Црна Гора во Москва.

„Амбасадорот на Црна Гора Зоран Јоцовиќ во повеќе наврати разговараше со ополномоштениот претставник на црногорските државјани и информираше дека амбасадата во согласност со надлежностите и соработката со руските надлежни органи, презема неопходни активности за да се реши ситуацијата во која се нашле, “изјавиле од Министерството за надворешни работи на Црна Гора.

Работниците се надеваат дека амбасадата ќе им помогне и набрзо ќе се вратат дома.