Градежниците од регионот заедно ќе ги решаваат проблемите

Здруженијата за градежништво при стопанските комори од регионот, Македонија, Србија, Хрватска, БиХ и Република Српска, денеска потпишаа Договор за соработка чија цел е надминување на актуелните проблеми во секторот и заеднички настап на трети пазари.

Како што беше соопштено по тркалезната маса „Регионална соработка и заеднички настап на градежниот сектор на трети пазари“ во Стопанската комора, соработката најпрво ќе почне со помали проекти, а таргет ќе бидат земјите од Блискиот и Далечниот Исток, Русија, Украина, ЕУ и земјите од Северна Африка.

Договорот, кон кој наскоро ќе се приклучат и Словенија и Црна Гора, предвидува компаниите здружено да насатапуваат и на домашните пазари, на тендерите за поголемите инвестиции финансирани од странски пари, кои засега, според нив, се исклучително ригорозни.

-Се соочуваме со расцепканост и неповрзаност во секторот, 95 отсто од фирмите се мали поради што одлучивме да се здружиме. Најголеми ни се шансите за настап на досегашните традиционални пазари, но сметам дека треба да бараме и други. Потенцијалот е голем, а се зависи од нас, од нашето здружување,истакна Дамир Перцел од Стопанската комора на Хрватска.

За производителите на градежни материјали атестите не се секогаш признати, има многу неусогласености во законската регулатива и царинските процеси,бавно се добиваат работни дозволи. Ова се само некои од проблемите со кои се соочуваат градежниците во земјите потписнички на Договорот.

Засега, само мал дел можат смостојно да учествуваат на тендерите за поголемите инвестиции финансирани од странски извори.Кога настапуваат надвор, пак, имаат проблем со банкарските гаранции, бонитетите но, здружени, со заеднички референтни листи, секако ќе бидат подобри, помоќни, Никола Велковски, претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија.

Согласно Договорот, здруженијата за градежништво на своите веб страници секојдневно ќе ги ажурираат тендерите, понудата и побарувачката во домашните и странските земји.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.