Градежна експанзија: Инвестиции во патната инфраструктура како никогаш досега

Покрај инвестициите во патиштата, континуирано се вложува и во железничкиот и авиосообраќајот. Македонија е единствената земја во регионот во која се случува инфраструктурен инвестициски бум од толку голем опсег.

Транспортната карта на државава е целосно промената. Се инвестира во проекти кои значат подобар живот и повисок стандард на граѓаните во земјава. Пресметките покажуваат дека во патна инфраструктура се вложуваат повеќе од милијарда евра.

Во тек е изградба и реконструкција на 142 километри автопатишта, во вредност од околу 800 милиони евра. Се работи на 13 регионални патишта со вкупна должина од 165 километри, инвестиција вредна 48 милиони евра. Во финална фаза за почеток на реализација се уште 11 регионални правци во должина од 200 километри, проекти вредни 373 милиони евра.

Само во источниот регион се инвестираат над 430 милиони евра во инфраструктурата

Само во источниот регион од земјава, каде долго време не се инвестирало во инфраструктурни проекти, се инвестирани над 430 милиони евра.

-Во прво време фокусот ни беше ставен на изградба и реконструкција на локалните патишта бидејќи ценевме дека тие беа најнеопходни за нормална комуникација меѓу граѓаните. Почнавме да градиме таму каде беше најпотребно.  Еве конкретно за Источниот регион изградивме или реконструиравме преку 70 локални патишта. Исто така реконструиравме дванаесет  регионални правци со вкупна инвестиција од 22 милиони евра. Тоа е сериозна инвестиција ако се има во предвид дека во минатото тука не се инвестирало. Во меѓувреме започнавме со проект за зајакнување на регионалната патна мрежа во овој регион – го градиме автопатот од Скопје до Штип, потоа експресниот пат Велес – Штип, регионалниот пат од Делчево до Голак, оваа година ќе започнеме со изградба на експресните патишта Штип- Кочани, Штип –Радовиш, од Кочани до Делчево и уште неколку, што покажува какви сериозни намери имаме во раздвижување на овој регион. Со еден збор планираме инвестиции од над 430 милиони евра само во Истокот, објаснува министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Според надлежните, автопатот од Миладиновци од Штип треба да се заврши во предвидениот рок, некаде во средината на 2017-та. До сега се пробиени 93% од трасата, интензивно се работи на градежните работи, што може да се забележи и на терен. Вкупниот прогрес на работите изнесува 36 %.

Над милијарда евра инвестиции

Преку една милијарда евра се вложуваат само во изградба на патната инфраструктура. Досега изградени и рехабилитирани се над 85 километри автопатска мрежа, инвестиција од 70 милиони евра. Во тек е изградба и реконструкција на 142 километри автопат инвестиција од околу 800 милиони евра. Во моментов се градат три нови автопати, Демир Kапија- Смоквица со должина од 28,2 километри и инвестиција од 210 милиони евра, потоа автопатот Миладиновце- Штип со должина од 47 километри и инвестиција од 206 милиони евра и од Кичево до Охрид со должина од 57 километри и инвестиција вредна 374 милиони евра. Во тек е и реконструкција на делницата од Смоквица до Гевгелија во должина од 10 километри и инвестиција од 4,2 милиони евра.

-Изградбата на овие автопатски делници претставува изградба на капитални проекти од национално значење, бидејќи само со овие автопатски делници се зголемува вкупната автопатска мрежа во државава за 50 проценти. Значењето на овие капитални инвестиции е повеќекратно, освен зголемување на автопатската мрежа, од особена важност е што ќе придонесат за економскиот и за регионалниот развој, се ангажира градежната оператива, се овозможува подобро работење на голем број компании кои ангажираат работници, вели владиниот портпарол, Александар Ѓеоргиев.

Во делот на регионалните патишта, до сега се реконструирани се 55 магистрални и регионaлни патишта со вкупна должина од над 510 километри, инвестиција од 93 милиони евра. Во тек на рeконструкција се 13 регионални патишта со вкупна должина од 165 километри и инвестиција од преку 48 милиони евра, меѓу кој и изградба на еден експресен пат од Велес до Кадрифаково.

Интензивно се работи на патот Битола- Ресен- Буково, Ново Село- Маврово, Мокрино-Смолари, Нов Дојран- Николиќ, Тетово- Брвеница- Гостивар, Бошков мост- Дебар, Делчево- Голак, Мелнички Мост- Центар Жупа, Кривогаштани- Воѓани, Лажани-Црнилиште, Скопје- Сончев град и од Опае до границата со Косово и многу други.

Во наредниот период треба да започне реконструкција на 11 регионални правци со вкупна должина до 200 километри и инвестиција од преку 370 милиони евра, меѓу кои се и изградба на 5 експресни патишта и тоа Штип – Радовиш, Штип – Кочани, Ранковце – Крива Паланка, Градско – Прилеп и од Охрид до Пештани.

Во делот на локалната патна мрежа досега реконструирани се 404 патишта со вкупна должина од преку 750 километри и инвестиција од над 65 милиони евра.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.