Градежна експанзија во инфраструктурата- бизнисмените и експертите задоволни

Експертите изразија став дека Македонија доживува градежна експанзија како никогаш до сега.

Во градежниот сектор во високата градба во последните години имаме голем раст, изјавија Ванчо Чифлиганец и Зоран Азманов во дебата на ТВ Нова неодамна, во која се зборуваше за градежната експанзија во Македонија.

-Јас 38 години сум во стопанството од кои 25 години успешно менаџирам во рударството а сега во градежништвото, ова е поволна бизнис клима во градежниот сектор, а јас сега конкретно зборувам за високата градба никогаш не постоела и до година во година се повеќе се подобрува, рече Чифлиганец.

Ако се гледа објективно, „Купи куќа купи стан“ и „ Купи куќа за млади“ многу поволно се одразува затоа што се раздвижува економијата,а купувачите доаѓаат до поповолна цена.

-Тоа никогаш не било. Јас сум градел куќа пред 30 години и знам со какви камати и како беше, вели Чифлиганец.

Со него се согласува и Азманов, вели дека доблест на оваа Влада е што ги слуша бизнисмените.

-Голема поткрепа е дадена преку проекти. На пример со ова 5% ДДВ и со „Купи куќа, купи стан“ еве сега и со „Купи куќа за млади“. Значи тие проекти се одлични и за разлика од целото наше опкружување каде што градежништвото е во многу ложа позиција, во Македонија градежништвото е водечки сектор со најголема експанзија и сметам дека направи многу добар чекор. Значи доблеста на оваа Влада е што ги слуша бизнисмените, вели Зоран Азманов.

Во патната инфраструктура се вложува како никогаш до сега

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски на отчетот во неделата говорејќи за инвестициите во патната инфраструктура, рече дека во моментот се работи на изградбата на трите автопатишта.

– Има одлична динамика. Демир Капија-Смоквица, инвестиција од 210 милиони евра, досега имаме прогрес од 73 проценти. Кај автопатот Миладиновци-Штип имаме прогрес од 36 проценти, а автопатот Кичево-Охрид е најголемиот и најкрупниот проект. Станува збор за инвестиција од 374 милиони евра. Досега имаме севкупен градежен прогрес од околу 18 проценти. Накратко над 142 километри нов автопат или 800 милиони евра директно средства за инфраструктура, нагласи Мисајловски.

Тој посочи дека се работи и на експресните патишта, како и на многу регионални и локални патишта.

Зголемен ројот на авиолинии

Осврнувајќи се на авиосообраќајот и воведувањето на нови авионски линии, министерот Мисајловски рече дека освен изградбата и реновирањето на двата аеродроми во државата, зголемен е и бројот на авио линии.

– Ако во 2005 имало 15, денес има 35 редовни линии. Има голема разлика. Оваа година три нови летови на Виз Ер – Братислава, Копенхаген и Берлин, а „Катар ерлајнс“ најави дека ќе оперира од октомври. Пред неколку дена најавија и од „Ер Србија“ дека ќе лета од Охрид за Србија. Се прошируваат редовните линии, а во иднина ќе има подостапни дестинации за пониска цена за сите граѓани, истакна Мисајловски, пренесува Курир.

Се купија 150 нови товарни вагони и шест нови патнички композиции

На презентацијата на отчетот беше нагласено дека после 38 години направени се и обновувања на железницата со набавка на 150 нови товарни вагони и шест нови патнички композиции.

-Македонски Железници се горди и благодарни на овој проект и на оваа инвестиција на Владата на Република Македонија , бидејќи после 38 години добиваме нови товарни вагони и нови патнички возови. Воедно тоа за нас претставува мотив и одговорност  за сето ова што ни ја дадовте довербата за да го направиме уште по активно и помобилизирано. Во однос на новите товарни вагони кои што веќе се во функција тие возат не само на пругите на Македонски Железници, туку возат и по европските пруги. Воедно можам да кажам како железничар, би ја искористил оваа сала, малку еден повик, еден маркетинк за Македонски Железници, да граѓаните на Република Македонија ги искористат овие удобности, овие европски, овие светски патнички возови, со телевизори со интернет, рече генералниот директор на МЖ транспорт Никола Костов.

Во јуни завршува првата делница од гасоводната мрежа

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на отчетот за сработеното во изминатите години најави дека во јуни се очекува завршување на делницата од Клечовце до Штип од гасоводната мрежа.

– Цевките се веќе поставени така што во јуни очекуваме пробно тестирање на целата делница од Клечовце до Штип. Во исто време, отворени се тендери за трите нови делници. Делницата од Штип до Неготино се очекува да почне со градба во јуни, делницата Скопје-Гостивар ќе почне со градба во јули, додека третата делница која што очекуваме да започне од септември е од Неготино преку Прилеп до Битола што значи дека Битола ќе добие гас, рече Ставрески.