Градежна експанзија во изградба на регионални и експресни патни правци

14 регионални патишта на кои градежната оператива во моментот дејствува се во вкупна должина од 175 километри. Државата во нив инвестира над 80 милиони евра, а значајно е што на нив се ангажирани повеќе стотици работници што придонесува и во зголемување на вработеноста.

Од Владата најавуваат дека овој позитивен градежен циклус ќе продолжи во иднина. Според најавите и плановите покрај овие 14 регионални патни правци на кои се работи, во следниот период ќе бидат воведени во градежни активности уште над 10 регионални и експресни патни правци.

-Градежната експанзија во регионалната и експресната патна инфраструктура продолжува и во следниот период. Предвиден е нов инвестициски пакет кој во себе опфаќа изградба, реконструкција и рехабилитација на над 10 регионални и експресни патни правци во вкупна должина од над 200 километри. Уште во текот на летото се започнува со градежните работи на патниот правец Кочани-Делчево, а во длабока фаза на постапка за избор на изведувач на патните правци Штип-Радовиш, Штип-Кочани и Ранковце-Крива Паланка со што се очекува во втората половина од оваа година и тие да бидат воведени во градежни активности. И овие и останатите патни правци во кои што се инвестира имаат сериозно позитивно влијание во општиот економски раст, во зголемување на вработеноста и се разбира во подобрување на условите за локален економски развој во сите региони од нашата држава, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Во нив ќе бидат инвестирани дополнителни над 300 милиони евра, средства кои ќе имаат сериозно позитивно влијание во растот на градежниот сектор кој е еден од темелите на вкупниот економски раст на Република Македонија.

Голем дел од нив ќе бидат воведени во градба до крајот на оваа година, што значи и нови работни места за работниците. За патот Кочани – Делчево кој е во должина од 30 километри, веќе е потпишан договор со изведувач а почетокот со градба ќе биде во текот на следниот месец.

Распишани се постапки за избор на изведувач за експресните патишта Штип – Кочани (26 км), Штип – Радовиш(38 км) и Ранковце – Крива Паланка(26 км). Овие три патни правци се очекува да бидат воведени во градежни работи во втората половина на 2016 година.

Во последните години, Владата има инвестирано во изградба, реконструкција и рехабилитација на над 510 километри регионална патна мрежа, и дополнителни 750 километри локални патишта.