Градежната експанзија продолжува: Се градат автопати, експресни, регионални и магистрални патишта

Инвестициите во патиштата беше и остана локомотивата на градежништвото која за време на Светската економска и европската должничка криза придонесе да одиме напред, кога многу држави чувствуваа жестоки последици, истакна синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

-Не застанавме и сега имаме еден конитнуитет. Успеавме да изградиме и реконструираме над 510 километри регионална патна мрежа и над 700 километри локална патна мрежа. Кога  одиме на терен многу луѓе ни кажуваат патот што го направивте не беше чепнат 30-40 години. Тоа е сега значајна предност за нив. Инвестициите во  инфраструктурата обезбеди работа за многу семејства, но и работа за градежните компании. Подеднакво се посветивме и на изградбата на автопатските делници при што никогаш порано не се граделе три нови автопати како што се градат сега, изјави Груевски.

За време на отчетот на партијата, за инвестициите во инфраструктурата говореше и министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

-Во моментов паралелно ги работиме сите три автопати. Има одлична динамика. Демир Капија-Смоквица инвестиција од 210 милиони евра, досега имаме прогрес од 73 проценти. Миладиновци-Штип имаме отприлика прогрес од 36 проценти. Смоквица-Гевгелија исто така се работи. Кичево-Охрид ни е најголемиот и најкрупниот проект. Станува збор за инвестиција од 374 милиони евра. Досега имаме севкупен градежен прогрес од околу 18 проценти. Накратко, да резимираме, преку 142 километри нов автопат или 800 милиони евра директно средства за инфраструктура, рече Мисајловски.

Министерот со лидерот на партијата, Груевски, разговараше и за експресните патишта.

-Велес-Кадрифаково е во длабока фаза, јас очекувам дека за неколку месеци комплетно ќе биде готов овој експресен пат. Ги почнавме и сите останати. Станува збор за Штип-Радовиш, Штип-Кочани веќе распишавме тендер за изградба. Ранковце-Крива Паланка  исто така распишавме тендер за изградба. Прилеп-Градско веќе потпишавме договор за градба, очекувам наредниве месеци официјално и на терен ќе почнеме со градба. Ни останува уште последниот експресен пат Охрид- Пештани кој очекувам дека до крајот на оваа година ќе го почнеме. Или од прилика преку 164 километри и инвестиција од преку 330 милиони евра директно во патна инфраструктура, рече Мисајловски.

Министерот потенцира дека во моментов се градат многу регионални и магистрални патишта.