Градинките ќе ги згрижуваат децата за Денот на дрвото

Поради спроведување на есенската акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, утре е неработен ден за граѓаните на Македонија.

Министерството за труд и социјална работа соопшти дека родителите кои имаат потреба од згрижување на нивните деца ќе може да ги однесат во градинките.

– Родителите што имаат потреба за згрижување на нивните деца на 3 декември (среда – неработен ден) ќе можат да ги донесат децата во детските градинки, со тоа што организацијата за прием и згрижување е во надлежност на градинките, соопшти Министерството.

Од Министерството за образование и наука велат дека Денот на дрвото за училиштата ќе биде работен, но нема да има настава.

– Денот на дрвото нема да се одработува во школите, зашто тој е планиран во календарот на училиштата. Учениците ќе одат на училиште, но нема да имаат настава туку ќе се спроведат акции во училишните дворови, во договор со општините, соопшти Министерството за образование и наука.

Во рамки на есенската акција „Ден на дрвото“ годинава, исто како и лани, ќе бидат засадени 5 милиони садници на површина од 1.300 хектари. Ќе се садат и зимзелени и листопадни дрва. Првпат годинава ќе бидат засадени околу 250.000 декоративни садници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.