Градоначалникот на Битола бара Иванов да ја повлече аболицијата

Градоначалникот на Битола бара Иванов да ја повлече аболицијата
Градоначалникот на Битола бара Иванов да ја повлече аболицијата
Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески, се огласи по донесената одлука на претседателот Ѓорге Иванов за општ прекин на сите постапки против политичари и нивни соработници поврзани со прислушувањето и политичката криза. Тој вели дека е убеден во добрата намера на претседателот Иванов, но го повикува да ги повлече одлуките за прекин на постапките кои се однесуваат на него.

Во продолжение следува интегрален текст од барањето на Талески за повлекување на аболицијата.

Почитуван Претседателе на Р. Македонија, сакам да Ви честитам за храбрата одлука за аболиција која е со цел и намера што побрзо да се разреши политичката криза во Македонија.

Познавајќи Ве лично, знам дека одлуката е со искрени и најдобри намери.

Во еден не природен склоп на околности, меѓу лицата кои добија кривични пријави од неуставното и незаконско СЈО, се најде и моето име – не по моја вина. Имено, во незаконските телефонски разговори, еден од двајцата соговорници во еден момент, под силна емоција, ме спомнува и ме клевети за некаков криминал  и корупција, што не е вистина. Но, тоа е доволен аргумент за СЈО да на прави невидена политичка хајка против мене и моите соработници. Обвинувањата и целата постапка од СЈО имаат единствено политичка заднина.

Бидејќи јас лично никогаш не сум правел криминал, не се чувствувам виновен, не сум виновен и не сакам да бидам изедначен со вистинските криминалци во Р. Македонија.

Почитуван Претседателена Р. Македонија, како градоначалник на Битола работам искрено, посветено и одговорно за доброто на граѓаните.

Не сакам да има сомнеж или шпекулирање за моето законско работење и затоа од Вас барам аболицијата за мене да ја повлечете.

Подготвен сум да ја докажам вистината за моето чесно работење, убеден дека надлежните државни институции ќе се интересираат за факти и докази, а не за тенденциозни и неаргументирани обвинувања.