Градоначалникот на Грозни забрани сечење на свадбена торта

Градоначалникот на главниот град на Чеченија, Грозни, забрани невестата и младоженецот заедно да го сечат првото парче торта. Муслим Хучијев обичајот го нарече „премногу западен“ и им порача на граѓаните дека мораат да работат на „зачувување на својот духовен и културен развој“.

На листата забранети свадбени обичаи се најдоа и „непристоен танц“, а се препорачува невестата и младоженецот за време на првиот танц да бидат оддалечени еден метар еден од друг, а најдобро е невестата да не танцува.

Според Хучијев гостите на свадба не треба да се појават во алкохолизирана состојба, како ни во облека која „не е во согласност со чеченскиот менталитет“.

„Свадбените рации“ веќе се спроведени во дело, а Хучијев планира забраната да ја прошири и на родендените и годишнините.