Градоначалникот на Новаци: Кривичната пријава е класична партиска пресметка

Градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски денеска на прес-конференција истакна дека поднесената кривична пријава против него и други службеници во општина Новаци осомничени за „злоупотреба на службената положба и овластување“ претставува, како што рече, класична партиска пресметка и хајка која техничкиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера ја најави, а денеска веќе почна да ја реализира.

– Сите денешни обвинувања категорично ги отфрлам затоа што се чиста партиска конструкција на техничкиот министер кој се однесува како најверен партиски послушник на својот лидер Зоран Заев. Фабрикувањето на афери како оваа денешната не се ништо повеќе туку само обичен очајнички обид да се намали она што СДСМ најмногу го плаши – рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и довербата на граѓаните во нашите одлуки и политики. Но, го потсетувам техничкиот министер дека набрзо и тој и неговиот партиски лидер ќе се уверат дека граѓаните својата доверба повторно ќе ја дадат на ВМРО-ДПМНЕ, а дека за конструкциите како оваа денеска некој ќе мора да сноси одговорност, истакна Котевски, јавно реагирајќи на поднесените кривични пријави од страна на СВР-Битола за постоење на кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.