Градоначалникот на општина Кисела Вода во посета на Усје и 11 Октомври бараки

Продолжуваат средбите на градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец Алексиќ со жителите на месните и урбаните заедници од овој дел на градот.
Заедно со тимот составен од раководителите на стручните служби од општината, претставници на јавните претпријатија при градот Скопје и повеќе институции кои имаат надлежност да ги решаваат најчестите проблеми на граѓаните од локално значење, синоќа беа посетени месната заедница Усје и урбаната заедница 11 Октомври бараки.

Градоначалникот пред жителите го презентираше сработеното во овие населени места, а ја искористи и можноста, од нив изворно да се информира за проблемите што ги засегаат и чие решавање треба да им го подобри секојдневното живеење.
Нагласи дека е посебно важно да се дискутира околу идеите и предлозите што граѓаните ги имаат бидејќи во моментов општина Кисела Вода го подготвува буџетот за 2017 година, па на овој начин жителите можат да учествуваат во креирањето на приоритетните проекти за оваа локална самоуправа.
Жителите на Усје беа информирани дека изработката на ДУП за овој дел од градот е во напредна фаза и дека по неговото донесување ќе можат да се изведат повеќе проекти кои значително ќе го подигнат квалитетот на живеење. За потсетување, за изработка на детален урбанистички план во МЗ „Усје“, на општина Кисела Вода и беа одобрени финасиски средства од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој. На средбата се дискутираше и за потребата од асфалтирање на неколку улици во Усје, а посебно внимание беше посветено на изградбата на фекална канализациона мрежа во овој дел од општината.

img_1224
Имено, во моментов е во тек изведбата на на капиталниот проект на Министерството за транспорт и врски преку Владата на РМ, за изградба на примарна фекална канализациона мрежа која поврзува три општини-Кисела Вода, Аеродром и Сопиште. Истата се одвива во две траси.

Првата делница  тргнува од населбата Аеродром, поминува низ населба Припор, по улицата „Христо Татарчев“, во општина Кисела Вода и завршува во населеното место Сопиште. Втората води од Аеродром, по Усјанскиот канал, низ Градинар во Кисела Вода, преку булеварот Борис Трајковски кон Усје, до Сопиште.
Жителите на Усје беа информирани дека од страна на општина Кисела Вода веќе е нарачан проект за изработка на секундарна канализациона мрежа која ќе може да се изведе по завршувањето на примарната фекална канализациона мрежа и пуштање во употреба на колекторот.

Жителите на урбаната заедница 11 Октомври бараки ја поздравија изградбата на атмосферска канализација на улицата “Спиро Гулапчев” и реконструкцијата на истата улица која во моментов тече. Беа информирани дека веќе е нарачан проект за изработка на фекална канализација за неколку куќи и проект за секундарна фекална канализациона мрежа во Градинар.
Исто така се дискутираше и за изработката на ДУП за Градинар, како и за Расадник. Проекти кои се или во напредна или во завршна фаза.
Циклусот на средби со граѓани продолжува со посетата на урбаните заедници 11 Октомври згради и Цветан Димов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.