Градоначалникот Трајановски на терен на локациите погодени од невремето

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, присуствуваше на активностите на екипите на јавните градски претпријатија и Армијата на Република Македонија, кои работеа на терен со моторни пумпи во населеното место Инџиково за да ја извлечат насобраната вода од поплавените подруми и од дворовите на жителите.

koce poplavi1

– Се распределуваат 100-тина пумпи што ќе црпат вода од поплавените подруми и дворови во населеното место Инџиково. Во текот на денот очекуваме да пристигнат уште 250 пумпи, со што во Инџиково во функција ќе бидат ставени 350 пумпи за помош на граѓаните. Во текот на вчерашниот ден, овде работеа големите пумпи на Противпожарната бригада кои од колекторите ја исфрлаа водата во каналот во Инџиково. Каналот е веќе расчистен со механизација и ќе може да ја прифати извлечената вода од овие 350 пумпи што ќе ги расчистуваат поплавените подруми и дворовите на жителите на Инџиково. Денеска и утре очекуваме да бидат испразнети сите поплавени простории во Инџиково – рече денеска градоначалникот Трајановски.

koce poplavi2

Трајановски додаде дека и во населените места Синѓелиќ и Стајковци ќе бидат распоредени по 350 пумпи, како и дека во функција ќе бидат ставени вкупно 1.000 пумпи на подрачјето на загрозените населени места, обезбедени од Владата на Република Македонија.

koce poplavi3

Градоначалникот Трајановски денеска ги посети и населените места Економија, Сингилиќ, Булачани и Шуто Оризари каде изврши увид во работите на екипите на терен.

koce poplavi4

За време на посетите Трајановски се сретна со повеќе жители кои имаат претрпено штети, каде им посочи дека целокупниот потенцијал на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје, како и целокупниот потенцијал на сите државни претпријатија е целосно насочен кон побрзо справување со последиците предизвикани од поплавите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.