Градоначалникот Трајановски се сретна со учениците од збратимениот град Темпи

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, се сретна во петокот со средношколците од Град Темпи, од сојузната американска држава Аризона, коишто традиционално секоја година доаѓаат на меѓународна училишна размена кај нивните врсници од Скопје.

 

„Добредојдовте во Скопје, навистина ни претставува задоволство што сте тука и ќе бидеме ваши домаќини. Темпи е еден од градовите со коишто се има збаратимено Скопје и имаме одлична соработка на сите полиња. Во текот на изминатите децении многу видни личности од Скопје имаат студирано и престојувано во вашиот град и се вратиле со позитивни впечатоци, се надевам дека и вие ќе понесетe такви впечатоци од вашата посета на Скопје“, истакна градоначалникот Трајановски.

И оваа година тројца средношколци од Темпи ќе престојуваат неколк   недели во Скопје и Македонија, а во текот на годината тројца средношколци од Скопје ќе престојуваат во Темпи.

Градот Скопје и Темпи имаат одлична соработка која датира од 1971 година и во рамките на оваа соработка досега над 160 ученици од Скопје престојувале во Темпи и обратно. Покрај ученици, во овие размени учествувале и студенти, уметници, спортисти, претставници на администрацијата, градоначалници…

Скопје и Темпи се збратимија во 1971 година, кога првпат еден американски град се збратими со град во источна Европа. Пред неколку години на иницијатива на Ричард Њухајзл, кој воедно е и почесен граѓанин на Скопје, се одржа Балканска конференција на збратимени градови.