Градоначалниците од опозицијата прво го отфрлаат, а потоа воведуваат зонско паркирање

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, во петокот со својот автомобил се паркираше на обележаните паркинг места на булеварот „Маршал Тито“, ја испрати првата СМС порака и со тоа го означи стартот на зонското паркирање во градот Струмица. Со тоа и општината Струмица, покрај скопската општина Центар и општина Куманово, кои се предводени од опозициските лидери, се приклучи кон практиката да го наплатува паркингот со цел да се реши сообраќајниот хаос.

Инаку, во 2009-тата година кога градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски за прв пат воведе зонско паркирање во својата општина, опозицијата жестоко го критикуваше овој проект. Во тој контекст, Софија Куновска од СДСМ изјави дека зонско паркирање наводно се воведува со цел да се национализира земјиштето и да се соберат дополнителни средства во општинската каса.

Зонското паркирање беше актуелно и во текот на локалните избори во 2013-тата година. Тогаш кандидатот за градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, ветуваше бесплатен паркинг за жителите на општината.

– Ќе извршиме реконструкција на паркинг просторите, ќе изградиме нови катни гаражи. Жителите на Центар ќе имаат право на бесплатно паркирање на целата територија на општината, без разлика каде живеат, изјави тогаш Жерновски и тврдеше дека неговото решение за паркирањето во општина Центар е најдобро и е во интерес на граѓаните.

Жерновски седна во градоначалничката фотелја и воведе бесплатен паркинг со повластена паркинг карта за едно возило за жителите на општината, додека за второ возило граѓаните доплаќаат 250 денари, а за трето возило 1.200 денари.

Со оваа паркинг карта жителите на Општина Центар може да паркираат на сите паркиралишта на Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ освен на резидентни паркиралишта кои не се наменети за нив, паркиралишта од затворен тип, т.н. Нулта Зона и катната гаража Судска Палата.

Со ова станува јасно дека настрана од првичните неприфаќања, градоначалниците од опозицијата не се откажуваат од профитот што го носи зонското паркирање и воведуваат цени кои што се речиси двојни во однос на другите општини.

Така цената за паркирање во Нулта Зоната во општина Центар изнесува 100 денари за еден час, додека Јавното Претпријатие Градски Паркинг, управувано од Град Скопје за еден час паркинг во централното градско подрачје наплаќа двојно помалку, поточно 45 денари.

Паркингот за жителите на општина Центар сепак не е бесплатен во целата општина онака како што се ветуваше во екот на изборите, затоа што жителите кои што поседуваат повластена паркинг карта неможат да паркираат во Нулта Зоната, каде за еден час се наплаќа 100 денари.

Што се однесува до зонското паркирање во Струмица, таа тема беше актуелна и пред еден месец, кога се дискутираше за цената.

Зоните за паркирање во Струмица се поделени на две, црвена и жолта. Во првата граѓаните ќе плаќаат 30 денари од час и паркирањето е ограничено во времетраење од два часа, а во втората зона паркирањето чини 20 денари од час и е неограничено.

Граѓаните чии живеалишта се наоѓаат во подрачјето на зонското паркирање имаат повластици, односно за прво возило нема да плаќаат, а за второ ќе плаќаат 300 денари месечно.

Струмичани реагираа дека донесените цени се превисоки, бидејќи исто толку чини и паркирање на пример во строгиот центар на Скопје. Струмичани за еден час паркинг ќе плаќаат како да паркираат возило во Дебар маало или Капиштец.

Жителите на општина Аеродром пак се ослободени од плаќање паркинг доколку паркираат на местото каде што живеат, а доколку паркираат на друг паркинг во општината плаќаат по 25 денари од час.

Зонското паркирање е практика која со години наназад се воведува во општините со цел да се реши сообраќајниот хаос. Граѓаните се задоволни од ваквите одлуки, онаму каде што тоа се спроведува доследно. Но останува нејасен начинот на кој се одредуваат цените и тоа посебно во оние општини кои што се управувани од градоначалници на опозицијата.

Струмичани плаќаат исти цени како да паркирале во строгиот центар на Скопје, а на центарци сепак им е поевтино да паркираат на паркинзите управувани од градот Скопје. Во екот на изборите Жерновски ветуваше бесплатен паркинг за сите жители на општината без разлика каде живеат за да се приберат политички поени, но сега, една година подоцна сите тие ветувања паднаа во вода.

Останува отворено прашањето дали првичната и основна цел на ваквото работење е исполнувањето на интересот на граѓаните или профитот кој што ќе се обезбеди од овие проекти?

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.