Свет

Градоначалникот на Сочи го штити единствениот локален геј бар

Градоначалникот на Сочи го штити единствениот локален геј бар

Во почетокот на јануари, околу еден месец пред Зимските олимписки игри во Сочи, единствениот сопственик на геј клуб во градот, Андреј Таничев, добил повик од локалната власт и бил повикан на средба со градоначалникот на општината, пишува „Тајм“.

Само неколку дена порано, посебен режим за безбедност познат како „челични прстен“, беше поставен од властите во Сочи, во состојба на готовност за какви било инциденти. Таничев е бизнисмен, не геј активист. Сепак рускиот закон против хомосексуалната пропаганда го поставил неговиот бар во правната „сива“ зона. Таничев отишол на средбата, подготвен за најлошото.

Она што го очекувало во градоначалничкиот кабинет сепак, било изненадување. Додека геј активистите во други делови на Русија се гонети од законот, во Сочи тие се ставени под заштита на локалната власт, барем додека светот го вперил погледот во градот поради Игрите. Според зборовите на Таничев, градоначалникот Анатолиј Пахомов се однесувал многу добро кон него.

Градоначалникот прво го прашал бизнисменот за санитарните услови во неговиот клуб, попознат како „Фарет“. Потоа му рекол дека ако има било какви проблеми, може да му помогне да се разрешат. Таничев се пожалил дека големиот новоизградениот хотел ја загадува областа околу барот.

Уште истата недела градоначалникот испратил свој човек да се справи со проблемот. После информацијата не била обелоденета. За „Би-Би-Си“ градоначалникот објаснил дека во градот геј активисти нема. Од „Тајм“ неколкупати се обиделе да стапат во контакт со градоначалникот, кој ги игнорирал оправдувајќи се дека има ангажмани околу Олимпијадата. Неговиот портпарол изјавил дека „штом Таничев вели дека се сретнале, тогаш најверојатно се сретнале“.

Со наближувањето на Игрите, проверките во „Фарет“ станале секојдневие. При една од нив полицајците дури не сакале да го преминат прагот. Истовремено сепак клубот станува особено популарен, имајќи предвид дека е единствен од ваков вид во Сочи. Таничев дал стотици интервјуа, но во ниту едно од нив не се споменува средбата со градоначалникот.

Бизнисменот забележува дека сигналите од Москва се збунувачки. На позадината на дискриминаторските анти-геј закони, претседателот Владимир Путин најави дека хомосексуалците можат да се чувствуваат комотно и заштитени во Сочи. Сепак, законот го вели спротивното.
„Често си мислам за тоа каде сме се упатиле како нација. Понекогаш се чини дека се движиме назад кон некаков вид теократија“, вели Таничев.