Градоначалникот на Загреб Бандиќ повторно обвинет за злоупотреба на власта

Популарниот градоначалник на Загреб, Милан Бандиќ, кој лани беше уапсен и потоа ослободен со приложена гаранција од два милиона евра, денеска е повторно обвинет за злоупотреба на власта, пренесоа француските медиуми.

Бандиќ (59) е обвинет за неодобрено финансирање на локалната асоцијација „Во име на семејството“, оштетувајќи го градскиот буџет за 40.000 евра, соопшти загреското обвинителство.

Спротивно од спогодбата за спонзорство на асоцијацијата, во која не се предвидувала финансиска поддршка, градоначалникот им наредил на двајца свои блиски соработници, исто така, сега обвинети, да испечатат плакати на асоцијацијата со средства на градот и да емитуваат реклами на радиото.

Градоначалникот на Загреб, на кого му е забрането да ја извршува функцијата, беше уапсен во октомври минатата година под сомнение за серија злоупотреби со буџетот на хрватската престолнина, која ја предводи веќе 12 години, и за сомнително финансирање на својата предизборна кампања во 2009 година, кога се кандидира за претседател на Хрватска.

Според оценка на обвинителството, вкупната сума со која Бандиќ ги оштетил градскиот и државниот буџет, изнесува околу 2,6 милиона евра.

На 19 ноември минатата година Бандиќ беше ослободен од притвор, каде мина еден месец, откако плати гаранција од околу два милиона евра и вети пред судот дека нема да влијае врз сведоците и нема да ги извршува своите градоначалнички задачи до завршување на истрагата.