Градоначалникот Трајановски со отчет за сработеното, но и за плановите во 2015 година

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на денешната прес-конференција се осврна на проектите што Градот Скопје ги реализира во годинава што изминува, а ги најави и градските проекти што се планираат за наредната 2015 година.

– Годинава што полека ја оставаме зад нас за Градот Скопје беше успешна. Завршивме значајни инфраструктурни проекти и решивме долгогодишни проблеми на граѓаните. Скопје во 2014 година наликуваше на големо градилиште. Се пробиваа и прошируваа улици, се градеа нови објекти и плоштади, се подобруваше водоводната и канализациската мрежа, се реновираа училишта, се подобруваше јавната хигиена, се засадуваа дрвја, се организираа културни и спортски манифестации… Ќе споменам дека во 2014 година го проширивме и реконструиравме првиот дел од улицата Трета македонска бригада, која прерасна во широк и проточен булевар; се проширува третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов; се проширува улицата Јордан Мијалков; се гради кружен тек на булеварот Партизански одреди, кај Порта Влае; ја проширивме крстосницата кај Шумарскиот факултет; ги обновивме крајните сообраќајни ленти пред пет автобуски стојалишта. Подигавме и нови парковски површини – покрај булеварот Февруарски поход, по должината на проширениот дел од булеварот Трета македонска бригада и покрај булеварот Видое Смилевски Бато, а се уредува и нова зелена површини во паркот „Македонија“. Сакам да споменам и неколку други проекти што се реализираа или почнаа да се реализираат во 2014 година: се изведува третата фаза од фекалниот колектор во населеното место Инџиково; реконструирана е атмосферската канализациска мрежа на улицата Финска, на булеварот Киро Глигоров, под стоковната куќа „Мост“ и на улицата Павел Шатев, кај подвозникот; општините Кисела Вода и Аеродром добија подземни контејнери; ја расчистивме големата дива депонија на улицата Гарсија Лорка во Шуто Оризари и на тој простор засадивме 100 зимзелени дрвја; вложивме 33,5 милиони денари за реконструкција на 15 средни училишта; го обезбедивме железничкиот премин кај Усје; и многу други проекти – објасни градоначалникот Трајановски.

Prednovogodisen pres (1)

Трајановски додаде дека во Градот Скопје во моментов интензивно се работи на подготовка на многубројни проекти за наредната, 2015 година, а акцент ќе биде ставен на големите инфраструктурни зафати.

– За наредната 2015 година на подрачјето на Општина Чаир се планирани неколку поголеми инвестиции: делумно проширување на булеварите Христијан Тодоровски Карпош, Цветан Димов и Никола Карев. Во соработка со службите на Општина Чаир веќе работиме на расчистување на имотно-правните односи. Како најголем проект кој во моментов се реализира на подрачјето на Општина Карпош е третата и последна фаза од проектот за реконструкција и проширување на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, а кој својата завршница ќе ја доживее наредната година, напролет. Во Буџетот за 2015 година предвидовме и средства за реконструкција на фекалната мрежа од улицата Московска, по должината на булеварот Партизански одреди, а се разгледува и проектот за изградба на кружен тек кај ХУБО маркетот. Како едни од најголемите инфраструктурни проекти кои ќе се реализираат на подрачјето на Општина Аеродром во 2015 година ќе ги најавам втората фаза од проектот за реконструкција и проширување на булеварот Трета македонска бригада, како и продолжувањето на булеварот АСНОМ кон населбата Горно Лисиче, на потегот од улицата Февруарски поход до улицата Тодор Чангов. Се планира изградба на фекалниот колектор по должината на булеварот Видое Смилевски Бато, а ја подготвуваме и техничката документација за десниот колектор од булеварот Србија до препумпната станица. Во Општина Бутел, нареднава 2015 година планираме да изградиме нов атмосферски колектор кај подвозникот на улицата Боца Иванова до реката Серава. Планираме реконструкција на улицата Ќемал Сејфула, на потегот од улицата Втора македонска бригада до улицата Босна и Херцеговина. Во наредниот период треба да се реализира и пробивањето и изградбата на булеварот Христијан Тодоровски Карпош. Се подготвуваме за реконструкција и на дел од улицата Александар Урдаревски, како и за доизградба на фекалната канализација во село Љуботен, во соработка со општината Бутел. Наредната 2015 година ќе ги уредуваме и тротоарите по улиците Радишанска и Ферид Бајрам. На подрачјето на Општината Ѓорче Петров во 2015 година ќе се догради кружниот тек на крстосницата на булеварот Партизански одреди и на улицата Ѓорче Петров, еден од најголемите инфраструктурни проекти во Скопје. На расчистување на имотно-правните односи периодов се работи за трасата на улицата Борис Сарафов, по што ќе следува нејзино проширување и реконструкција. Ќе ја споменам и изградбата на пречистителната станица во Волково, како многу значаен проект за унапредување на животната средина, во чие финансирање ќе учествува и Градот Скопје. Ја разгледуваме и можноста да се пробие уште еден крак на булеварот Македонска војска кон Хром. Најголемиот проект што ќе следува на подрачјето на Општина Шуто Оризари е проектот за подобрување на водоснабдувањето со изградба на нов систем за снабдување со вода. На подрачјето на општината Сарај за наредната година се планира реконструкција на улицата Сарај со што ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот. Она што ќе го окупира нашето внимание на подрачјето на Општина Центар е дооформувањето на Малиот ринг и проширувањето на улицата Даме Груев, каде што треба да се урива дел од една зграда. Наредната 2015 година ќе се догради улицата Јордан Мијалков. Планираме да го прошириме и делот од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, од булеварот Свети Климент Охридски до Клубот на пратеници, а размислуваме и за реконструкција на улицата Тодор Александров. Во центарот на градот продолжува проектот за обнова на фасадите на неколку објекти. Во наредната година ќе се подготвуваат проектите за изградба на кружни текови на вкрстувањето на Јужен булевар со булеварите Свети Климент Охридски и со Кочо Рацин. Интензивно се подготвуваме за реконструкција на улицата Маџари, во Општина Гази Баба. Ќе работиме и на изградба на фекална канализација на патот од село Трубарево до Идризово, како и на изградба на фекална канализација за селата Црешево, Смиљковци и Виниче. Наредната година очекуваме да се догради фекалниот колектор во Инџиково. Ќе се проширува раскрсницата на улицата Благоја Стефковски со улицата Маџари, а ќе се работи и на проектот за проширување на булеварот Александар Македонски до клучката „Дијамант“. Во 2015 година на подрачјето на Општина Кисела Вода се планира булеварот Борис Трајковски да се прошири во должина од два километра, од поранешната фабрика „Стакларница“ до Пинтија. Ќе работиме и на проектот за пробивање на улицата Есенинова, којашто е врска меѓу булеварите Борис Трајковски и Трета македонска бригада, како и на проектот за продолжување на булеварот Србија од Усје до улицата Христо Татарчев. Градот Скопје со своите проекти нема да заобиколи ниту еден сегмент од општественото живеење, а ќе понудиме многубројни случувања од областа на културата, спортот и забавата – нагласи градоначалникот Трајановски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.