Градот апелира за помасовно користење на јавниот превоз

Градот Скопје смета дека има голем простор за помасовно користење на бесплатниот јавен превоз од граѓаните и апелира истите да ги остават автомобилите и да ги користат бесплатните услуги на јавните превозници, во овој период на голема загаденост на воздухот.

Градоначалникот на Град Скопје вчера објави поголем број итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот, каде што една од нив беше воведување на бесплатен јавен превоз за сите граѓани во Скопје, во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници, се до моментот на намалување на загадувањето.

Покрај оваа, донесени се и следниве мерки и препораки:

–  Градот Скопје ја интензивира контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.

– ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и се препорачува  скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност.

– Доколку дозволат временските услови, Градот Скопје ќе продолжи да ги прска градските улици со средството калциум магнезиум ацетат.

– Во согласност со сегашните прописи во градот не може да се воведе пар-непар, но затоа Градот Скопје апелира до надлежните министерства – за животна средина и просторно планирање, за внатрешни работи и за здравство да предложат измени во законот за да може да се спроведува оваа мерка.

– Апел до вработените во Град Скопје на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз.

– Службените возила на Градот Скопје ќе се користат исклучиво за потребите на градскиот инспекторат.

– Градот Скопје и јавните градски претпријатија ги ослободуваат од работа лицата над 60-годишна возраст со хронични заболувања, како и бремените жени.

– Градот Скопје изминатите денови вршеше интензивен инспекциски надзор на инсталациите што се во негова надлежност и притоа изврши контрола на 36 инсталации, со мерење на емисијата на ПМ 10. Притоа, е утврдено дека ниту една инсталација во наша надлежност не ги надминува граничните вредности.

– Комуналните инспектори на Град Скопје во изминатиов период направија 1.000 контроли и изрекоа 12 казни на компании заради непочитување на одредбите на Одлуката за комунален ред во Скопје.

– Апел до Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.

– Барање од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје и кои се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.