Градот Белград упати помош за Македонија

Градот Белград денеска упати тим од седум луѓе, две специјални возила и две пумпи во Скопје за што побрзо санирање на последиците од поплавите кои го зафатија Скопскиот регион, изјави директорот на „Беоком сервисот“ Дарко Главаш.

– Белград сочувствува со народот на Македонија, рече Главаш и потсети дека и Србија ја погоди вакво невреме и дека е човечки да се помогне, соопштуваат од Белградската управа.

Главаш посочи дека ЈКП „Белградски водовод и канализација“ го испратило своето најголемо возило за одзатнување фекалии, сливнички врски и за собирање содржини од канализациии и од подруми. ЈКП „Градска чистота“ голема фекална цистерна која ќе помага во чистењето на кал, а ЈП „Белград води“ две пумпи со голем капацитет од 2.000 литри во минута кои ќе помогнат за испразнување на вода од канализациската мрежа, од водоводните и канализациските системи и од индвидуални  куќи.

Според него, планирано е екипите во Македонија да останат седум до 10 дена, а доколку Владата на Македонија и Градот Скопје одлучат дека помошта им е неопходна подолго време, таа ќе остане колку што е потребно.