Градот ќе ги плаќа погребите на самците што се социјални случаи

На една од последните седници на советот на градот советниците донесоа одлука со која за сите приматели на социјална помош што немаат брачен другар или друг вид наследници трошоците за извршување погреб ќе паднат на товар на општините, односно градот. Според таа одлука, сите општини во градот што во своја надлежност имаат гробишта, кои не спаѓаат под АД „Бутел“, отсега ќе треба да одвојуваат средства со кои на лицата од посочените категории ќе им се обезбеди достоен погреб, пишува Нова Македонија.

Висината на сумата што општините и градските власти ќе ја издвојуваат за закопот на оваа категорија граѓани изнесува 28.874 денари, од кои 11.824 денари за гробно место со бетонски фундамент и 17.050 денари за погребна опрема и за погребни услуги
Строго определена категорија

Според одлуката, за лицата што пак ќе треба да бидат погребани во гробиштата што спаѓаат под АД „Бутел“, односно во Бутел, Камник и во Ѓорче Петров, трошокот за погреб ќе биде обезбеден од буџетот на градот.
– Редно време беше да се регулира овој проблем. Тие луѓе досега, колку што ми е познато, беа погребувани на зафрлени места, колку да се рече дека биле погребани. Добро е што конечно ќе добијат нормален погреб. И тие се луѓе како и сите други и не се виновни што останале сами, без никого – вели Маријан Тодоровски од Скопје.
Висината на сумата што општините и градските власти ќе ја издвојуваат за закопот на оваа категорија граѓани изнесува 28.874 денари, од кои 11.824 денари за гробно место со бетонски фундамент и 17.050 денари за погребна опрема и за погребни услуги.
– Се работи за строго определена категорија на граѓани и нивната бројка не е поголема од 10 до 15 случаи во текот на една година. Но не важи за другата категорија граѓани што примаат социјална помош и оние што имаат свој брачен другар или друг вид наследници што се должни за спроведување на погребот – појаснуваат од градот.

Во Карпош прифатени промените

Од градот додаваат и дека кај нас првпат се утврдува ваков надоместок.
– Досегашниот ценовник, односно надоместоците не се менуваа и тие важат и се донесени со одлука на градскиот совет уште во 2011 година. Оваа одлука само беше дополнување на истата одлука за конкретниот надоместок – велат градските власти.
Некои општини веќе ја изгласаа оваа одлука на градот, а другите се подготвуваат да го сторат тоа. На седница на советот на општината Карпош, со 19 гласа „за“ советниците на Карпош ја изгласаа одлуката за определување финансиски средства за погребни трошоци.