Градот Скопје го започна единаесеттиот циклус посети на скопските општини

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на општината Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ и директорите на јавните градски претпријатија присуствуваа на последниот ден од тридневната акција за чистење на општината Кисела Вода, на улицата Христо Татарчев, во близина на ОУ „Круме Кепески“. Со оваа акција во општината Кисела Вода официјално почна единаесеттиот циклус посети на општините на Град Скопје и средби со претставниците на урбаните и месните заедници.

gr_skopje (2)

-Овој циклус посети на скопските општини го почнуваме од општината Кисела Вода. Ова е одлична можност да се сретнеме со претставниците на урбаните и на месните заедници и да ги слушнеме мислењата на граѓаните за проектите на Градот Скопје и нивните потреби од областа на урбаното живеење. Ќе разговараме за прашања од областа на сообраќајот, за новите сообраќајни решенија што минуваат низ општината Кисела Вода, за јавната хигиена и одржувањето на зеленилото, за подобрувањето на услугата на јавните претпријатија и за многу други прашања. Овие средби претставуваат и еден вид отчет на досега сработеното од страна на Град Скопје на подрачјето на општината Кисела Вода. Како и досега, циклусот посети на скопските општини е придружен со голема акција за чистење. Во изминативе три дена на подрачјето на општината Кисела Вода екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ ги косеа тревниците и ги поткаструваа дрвјата, работниците на ЈП „Улици и патишта“ ги крпеа ударните дупки, екипите на ЈП „Водовод и канализација“ ја проверуваа атмосферската канализација, а работниците на ЈП „Комунална хигиена“ ги расчистуваа дивите депонии, ги чистеа контејнерите и ги метеа улиците. На терен беа присутни и екипи на ЈСП и на ЈП „Градски паркинг“ – изјави градоначалникот Коце Трајановски.

gr_skopje (5)

Градоначалникот на општината Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ изрази задоволство од успешно спроведената акција за чистење на општината и ја нагласи добрата соработка со Градот Скопје.