Градот Скопје продолжува со посети на општините

Изминативе неколку денови јавните претпријатија на Град Скопје, во рамките на дванаесетиот циклус на посети на скопските општини, извршуваа работни акции на територијата на Општина Ѓорче Петров.

Денеска градоначалниците на Град Скопје и Ѓорче Петров, Коце Трајановски и Сокол Митровски, извршија увид на работата на терен на јавните претпријатија.

– Изминативе неколку денови градските јавни претпријатија на терен спроведуваа активности од нивната надлежност. Јавното претпријатие „Паркови и зеленило” работеа на косење на тревата и уредување на реонскиот парк „Ѓорче Петров”, екипи на „Комунална хигиена” работеа на чистење на улиците, екипи на „Водовод и канализација” работеа на отстранување на дефекти во водоснабдувањето. И оваа година предвидени се голем број проекти кои ќе се реализираат за подобрување на животот на жителите на оваа општина. Најважни се новиот кружен тек и продолжувањето на булеварот „Партизански одреди”, кој е во завршна фаза, како и активностите за продолжување на истиот до кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле”. Друг важен проект е пробивањето на стеснувањата на улицата „Борис Сарафов”, каде што овој период се расчистуваат имотно-правните односи на трасата на оваа улица, а ќе се работи и на реконструкција на дел од улицата „Волково”, кажа градоначалникот Трајановски.

По посетата на терен, се одржа и средба помеѓу претставници на градската и општинската администрација, претставници на јавните претпријатија и претставници од урбаните и месните заедници од Ѓорче Петров, каде што се дискутираше за проблемите со кои се соочуваат жителите на оваа општина.

Градоначалникот на Ѓорче Петров Митровски кажа дека овие средби се во насока на подобрување на комуникацијата и соработката на урбаните и месните заедници со општинската и градската администрација, што треба да придонесе за подобрување на квалитетот на услугите кои ги даваат единиците на локална самоуправа и јавните претпријатија.