Граѓаните и утре ќе маршираат по патеката на државноста: Друга држава немаме!

Протестите на граѓанската иницијатива ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА продолжуваат утре, традиционално во 17 часот пред Владата на РМ. Граѓаните како и до сега ќе маршираат по, како што ја нарекуваат, патеката на државноста, се до Собранието.

За време на викендите, иницијативата не одржува граѓански маршеви, туку други активности. Во текот на вчерашниот ден, односно 69 ден од почетокот на протестите, беше организирана панел дискусија на тема случувањата во Собранието на 27 април.

На панел дискусијата говореа Богдан Илиевски од „За заедничка Македонија“ и професорите Иванка Додовска и Александар Даштевски, според кои изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието е нелегален затоа што се коси со Уставот, Законот и Деловникот.

Зачувување на унитарноста на државата, не за двојазичност, отфрлање на тиранската платфора, избори и попис, се дел од пораките кои се испраќаат од организаторите од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

Граѓаните бараат од институциите да поведат постапка за сите, како што велат, кои се обидоа да извршат Државен удар и вон сите процедури кршејќи го Уставот да бираат Претседател на Собранието.

Од ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА секојдневно ги повикуваат сите граѓани да дојдат во што поголем број и да чекорат по патеката на државноста, бидејќи друга патека и држава немаат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.