Граѓаните му дадоа подршка на Иванов пред резиденцијата

Поголема група граѓани и вечерва протестира против договорот за името со Грција. Протестот започна пред Собранието, а потоа демонстрантите се упатија кон резиденцијата на претседателот Ѓорѓе Иванов, но полицијата не им дозволи да се качат до Вила Водно, па се собраа на крстосницата пред претседателската резиденција.

Интонирајќи ја македонската химна, а потоа пеејќи ја навивачката „Излези момче“ и скандирајќи „Иванов“ и „Македонија“, „Нема компромис“, Едно име имаме“ демонстрантите ја поддржаа одлуката на Иванов кој се спротивстави на договорот со Грција и побараа прием кај него.
Тие го повикаа претседателот Ѓорге Иванов да се одважи и не се плаши, порачувајќи му дека ќе го бранат, како што тој ги поддржува.

Бидејќи претседателот вечерва не бил во резиденцијата од неговиот кабинет најавија дека во текот на утрешниот ден ќе ги прими претставниците на средба.

Претхоно, демонстрантите од пред Собранието порачаа дека е страшно да се менува државното име и никој не смее да се прашува за тоа. Тие истакнаа дека меѓународната заедница требала да ја прифати земјата под уставното име и го повторија својот став дека договорот е против сите правила.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.