Граѓаните навреме да поднесат барање за елаборати за легализација

Уште 190.000 елаборати за легализација на дивоградби треба да изготват геодетските фирми, од кои 110.000 до крајот на годинава, кога истекува законскиот рок за доставување до општините за комплетирање на документацијата.

Од Катастарот и од Геодетската комора,граѓаните навреме да порачаат елаборати од геодетските фирми за тие да имаат време да ги направат.

Приливот на барања за елаборати, според директорот на Комората Горан Јовановски, е зголемен.

Ако граѓаните навреме достават барања значи да не почнат лошите временски услови мислам дека  може да ги изработиме затоа што  сепак се работи за 146 геодетски компании со над 800  вработени кои имаат капацитет да сработат, рече Јовановски, пренесува МИА.

Геодетските фирми, според него, многу побргу добиваат податоци за изработка на елаборати со воведување на новиот софтвер од Катастарот е-кат, со што геодетски елаборат може да се изработи и за ден.

Катастарот досега има издадено имотни листови за 156.344 легализирани бесправно изградени објекти. До општините вкупно се поднесени 440.000 барања за легализација, од кои во првиот рок 360.000, а во вториот уште 80.000.

На крајот на годинава истекува и рокот за доставување елаборати за легализација на инфраструктурни објекти до Министерството за транспорт и врски и општините, за кои е поднесено барање до 3 септември 2011 година. Имателите на инфраструктурните објекти, исто така, треба навреме да побараат изготвување на елаборатите, со оглед дека треба да се премерат стотици илјади километри инфраструктура, рече директорот на Катастарот Славче Трпевски.

Според него, легализацијата на инфраструктурни објекти е во полн ек. Во продолжениот рок до крајот на март годинава се поднесени нови 7.930 барања за легализација, а само месецов Катастарот примил над 350 барања за запишување на веќе легализирани инфраструктурни објекти.  Во Катастарот на инфраструктурни објекти се запишани и се издадени имотни листови за 190 километри линиски инфраструктури и 465 точкасти инфраструктури.

За забрзување на процесот на легализација на инфраструктурни објекти денеска се одржа редовен состанок на експерти од Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за катастар на недвижности, Комората на геодети и претставници од македонските телекомуникациски оператори.