Граѓаните со порака до пратениците на СДСМ: Откажете се и не гласајте за тирански претседател на Собранието

Граѓаните дел од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ кои веќе 30-ти ден протестираат на улиците во Скопје и ширум Македонија денес од пред седиштето на СДСМ им порачаа на пратениците од оваа политичка партија да се откажат од Тиранската платформа и да не гласаат за тирански претседател на законодавниот дом.

-Денес сме тука уште еднаш да им порачаме дека граѓаните секој ден на повеќе од 40 места излегуваат се помасовно и помасовно на улиците за да ја одбранат унитарноста на Република Македонија која е загрозена. Нема да дозволиме Тиранска платформа да биде официјална програма на влада. Тоа нема да го дозволиме, истакна Богдан Илиевски.

-Прочитани се пратениците одамна: Откажете се од Тиранската платформа. Се изнавикавме, ги наброивме, апелиравме, рече Борис Дамовски.

Како и изминатите денови, така и денес протестот на „За заедничка Македонија“ започна од пред Владата, продолжи до народната канцеларија на претседателот на Република Македонија, па пред Собранието. Илјадниците граѓани протестниот марш го завршија пред седиштето на СДСМ каде ги испратија своите пораки.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.