Граѓански организации бараат повеќе средства за лекување на ХИВ

Надлежните институции да го корегираат буџетот за програмата за ХИВ со цел да се обезбедат доволно средства за лекување, пред се за групите изложени на најголем ризик, бараат од Платформата на граѓански организации кои спроведуваат програми за превенција на ХИВ и поддршка во врска со ХИВ кај групите изложени на најголем ризик во Македонија.

Андреј Сених, извршен директор на Здружението „Заедно посилни“, рече дека нивно барање е да се воспостават и стабилни механизми за соработката меѓу Министерството за здравство и граѓанскиот сектор со финансиска поддршка на Глобалниот фонд да продолжи да функционира на ефикасен начин кој ќе овозможи клучни услуги за превенција.

– Македонија до 2030 година може да спречи да настанот повеќе од 860 нови инфекции и да се избегнат 290 смртни случаи, доколку оптимално ги продолжи овие програми, истакна Сених и додаде дека денеска Светскиот ден за борба против СИДА ќе го одбележат со протестен марш.

Христијан Јанкулоски, претседавач на Националниот координативен механизам – мултисекторско тело за надзор на програмите за ХИВ и туберкулоза, финансирани од Глобалниот фонд во Македонија, потсетидека во Македонија на крајот на јуни завршува финансирањето од страна на Глобалниот фонд.

– Единствено Косово и Албанија во регионот ќе останат земји кои во следните три години ќе можат да добиваат средства од Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА и туберкулоза, посочи Јанкулоски.

Аида Куртовиќ, заменик-претседател на Управниот одбор на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, туберкулоза и маларија, рече дека е потребно да се зголеми финансирањето и соработката меѓу владите и граѓанскиот сектор и заедниците кои се директно засегнати од овие заболувања.

– Доколку не најдеме решение овој проблем ќе стане поголем, ќе не чини човечки животи и многу поголеми трошоци на подолг рок, додаде Куртовиќ.

По повод 1 декември, Светски ден за борба против СИДА, ХЕРА-Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Националниот координативен механизам за ХИВ/СИДА и туберкулоза, Здружението „Заедно посилни“ и Платформата за одржливост на програмите за превенција, грижа и поддршка од ХИВ, денеска и утре во Скопје организираат Регионален состанок на Југоисточна Европа за ХИВ.

На конференцијата присуствуваат 50 претставници од осум земји во регионот. Целта на состанокот е формирање регионален координативен механизам кој ќе работи на одржливост на програмите ХИВ во земјите на Југоисточна Европа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.