Граѓаните бегаат од холандското пилешко

По информацијата за појавата на нов вид на птичји грип во Холандија, која ја разбранува светската јавност, во земјава беше воведена времена мерка забрана за увоз на пратки од живина и производи од живинско месо. Во насока на превенција беше забранет увозот на овие продукти од Холандија, Германија и Велика Британија, меѓутоа што е со месото кое било увезено пред забраната и кое се нашло на македонските трпези?

Од Агенцијата за храна и ветеринарство смируваат дека не постои причина за загриженост бидејќи претходно увезеното месо е безбедно.

– Месото кое е увезено од овие земји пред воведената забрана е безбедно. Истото е увезено со сите безбедносни сертификати кои ги издаваат надлежните служби. Во увозот на месото нема ништо спорно и не гледаме зошто истото не би се нашло на продажните рафтови во земјава, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

И покрај сите смирувања и апели од Агенцијата, граѓаните се загрижени и не се сигурни во квалитетот на веќе увезеното месо, поради што се многу попретпазливи кога купуваат пилешко и живински производи.

Она што смитува е и податокот дека во изминатите години не е утврдено присуството на болеста во Република Македонија, а истата не е пријавена ниту во регионот.