Граѓаните чекаат одговор од Жерновски- „На што потрошивте 460.000 евра за „Боемската улица“?

Објавените податоци за износот на проектот на Жерновски “Боемска улица”, кој крена прашина во медиумите, се вртоглаво високи за реализација на една таква улица со површина од 1.177 метри квадратни, пишува порталот Курир.

Улицата за која Жерновски приложи и “набилдана“ квадратура, е реализирано со стари плочки, дел од реализацијата на проектот кој внесе уште повеќе нервоза кај граѓаните. Целиот проект ни помалку ни повеќе чини 460.000 евра, пари од граѓаните на општина Центар.

Споредено со улицата “Никола Вапцаров” во строгиот Центар на Град Скопје, улица која е можеби и приближно двојно поголема (1800 метри квадратни), поплочена и уредена со нови плочи што всушност е и најважниот дел од уредувањето на една улица, чини двојно помалку од “Боемската улица” или 185.000 евра.

По помпезното отворање на уличката, граѓаните го покажаа својот револт велејќи дека се чувствуваат изманипулирано и изиграно, најмногу излажено.

Граѓаните на општина Центар се запрашуваат за што ли се потрошени скоро половина милион евра во уредувањето на “Боемска улица” и се сомневаат во работењето на градоначалникот. Главниот проблем како што велат тие не е што улицата е со “вакви или онакви” плочи, туку што со тие половина милион евра можеле да се направат и уредат 2 такви улици.

По поставените прашања на Фејсбук профилот на Жерновски, тој им одговори на граѓаните дека целосни податоци и одговори на прашањата за уредувањето на “Боемска улица” може да се добијат во понеделник, а притоа не ги објави јавно да им даде одговор на граѓаните, што уште повеќе внесува сомнеж дека можеби сака да скрие нешто.

Исто така и новинарката Јорданка Ивановска- Јоци, на Фејсбук профилот го искажа својот став и вели дека градоначалникот им должи одговор на граѓаните.

-Андреј Жерновски, како единствен претставник во локалната власт од опозицијата, како истурен лик од рекламите за чесност,домаќинско работење, некрадење и причам ти причу, на гласачите им должи низа одговори за недоследностите во сума од која боли-глава , исплатена за непостоечка површина во катастарски документи, напиша таа.

Останува да видиме што градоначалникот Жерновски ќе им соопшти на граѓаните околу реализацијата на “Боемска улица” и дали ќе одговори на нивните прашања.