Граѓаните донирале 620 илјади денари за поплавените подрачја за неполни 24 часа

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и генералниот секретар на Црвениот Крст на Република Македонија, Саит Саити на денешната конференција за медиумите информираа за состојбите во поплавените подрачја во Република Македонија и потребите на населението во овие подрачја.

Спасов рече дека Владата во соработка со Црвениот крст на Република Македонија и повеќе државни институции веќе спроведуваат низа активности коишто се насочени за координирана и поголема поддршка на погодените граѓани во регионите во земјава коишто се оштетени од поплавите.

„Ги повикам сите граѓани на Република Македонија, сите приватни компании и приватни бизнисмени и стопанственици, македонската дијаспора и пријателите на Република Македонија надвор од нашата држава да се вклучат во овие хумани процеси. Во текот на вчерашниот ден се отворија и телефонски броеви за донации коишто се ставени на располагање и ги повикувам сите да дадат свој придонес во оваа акција и во акциите коишто ќе следуваат со цел да ги обезбедиме финансиските средства коишто ќе бидат потребни за следната фаза, односно по повлекувањето на водата, по поплавите, да се искористат наменски за потребите на оние коишто се погодени и за домаќинствата коишто се во ризик како резултат на самите поплави. Телефонските броеви коишто се ставени на располагање се на ONE, T-mobile,  и VIP и тоа: 075 143   400, 070 143400, 077 143400”, информираше министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

И Црвениот крст на Република Македонија отвори донаторска сметка  на која што можат сите заинтересирани граѓани и компании да донираат средства. Отворена е и донаторска девизна сметка на која што може да се донира и од странство.

“Исто така, во непосредна комуникација сме со приватните производители на флаширана вода за пиење, веќе се реализраат  и се реализирани донации покрај цистерните коишто се обезбедени во сите региони  погодини од поплавите. Ги повикувам компаниите, со оглед на фактот дека во моментов има обезбедено вода за денешниот ден, во текот на утрешниот ден да донираат и очекуваме повторно една голема донација од страна на Пелистерка, а исто така во  акцијата се вклучија и Горска и Кожуфчанка. Оочекуваме и сите производители на вода да се приклучат”, рече министерот Спасов.

Во однос на потребите од хигиенски производи за 500 погодени домаќинства и за дезинфекција на нивните домови се вклучи приватната компанија Алкалоид.

Од страна на приватни компании обезбедени се и пакети  на облека, ќебиња и прехрамбени продукти кои што веќе се реализраат како донации. Донациите се засега доволни да се задоволат потребите на погодените домаќинства. Центрите за социјална работа во соработка со општините и со меѓуресорските комисии се на терен и прават увид и досега има околуу  100 домаќинства кои се во ризик и се детектирани од нивна страна, Ќе се интервенира и со еднократна парична помош“, заврши Спасов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.