Граѓаните ги одбраа приоритетните проекти во општина Илинден

Повеќе проекти од областа на патната инфраструктура, образованието, заштитата на животната средина, уредувањето на градежното земјиште, урбанизмот, јавната чистота и јавното осветлување, спортот и културата, граѓаните ги посочија како приоритети кои што треба да влезат во Буџетот на Општина Илинден за 2015 година.

ilinden (3)Меѓу проектите што се најдоа на оваа приоритетна листа се изградба, санација и реконструкција на локалната патна инфраструктура, како и изградба на  патна инфраструктура во локалните економски зони, проектот „Изградба на 10 мостови во Општина Илинден“, во областа на социјалната заштита проширување на детската градинка со што ќе се овозможи згрижување на нови 120 деца, со што вкупниот капацитет на градинката ќе биде 350 деца, потоа во делот на комуналната инфраструктура изградба на фекална канализација за зафаќање, третман и одведување на отпадните води и пречистителни станици, во областа на заштита на животната средина зафаќање и одведување на атмосферските води, во областа на спортот изградба на пешачко-рекреативна патека во должина од 2 километра, со велосипедска патека, патека за ролери и скејтборди, зеленило, поставување на фитнес реквизити, како и изградба на 2 повеќенаменски игралишта, во областа на образованието изградба на училиште, модернизација, доградба и реконструкција на основните училишта во насока на подобрување на образовниот процес, во областа на културата изградба и реконструкција на домовите на културата…

ilinden (1)Обраќајки им се на присутните градоначалникот Жика Стојановски  им се заблагодари на граѓаните за нивното активно учество на Буџетскиот форум и за силниот придонес што го даваат за подобрување на условите за живеење во Општина Илинден.

-Би сакал да истакнам дека локална самоуправа која што има жители како вас не треба да се плаши за својот развој, за својата иднина, за својот напредок. Тоа го покажавте и досега. Придонесот на граѓаните е најзначаен фактор и вашиот придонес секако дека ќе се одрази, ќе се отслика во уште посилен одржлив развој на Општина Илинден, истакна градоначалникот Стојановски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.