Граѓаните превенираат хронични бубрежни заболувања – реализирани 100 прегледи во нефролошките амбуланти

Со цел рано откривање на хронична бубрежна болест кај пациентите, од месец јули годинава, Министерството за здравство воведе специјализирани нефролошки пунктови (амбуланти) во повеќе региони низ државата.

Прегледите во амбулантите се бесплатни за пациентите, а матичните лекари ги упатуваат пациентите на преглед во амбулантите во зависност од проценетата бубрежна функција преку лабораториски анализи. 

Според податоците од електронскиот систем за закажување прегледи МојТермин, од почетокот на функционирањето на нефролошките амбуланти досега се прегледани 100 пациенти. 

Раното откривање на хронична бубрежна болест е главен предуслов за успешно спречување на губењето на функцијата на бубрезите и намалување на сите ризик фактори за ова заболување, имајќи предвид дека кај сè повеќе луѓе се открива напредна бубрежна инсуфициенција без претходни симптоми или претходно познати бубрежни заболувања. 

Според акцискиот план за отворање на амбулантите, од јули започнаа со работа амбулантите во Завод за нефрологија Струга, Здравствена станица Железара и Клиничка болница Штип, во август започна со работа амбулантата во Здравствен дом Делчево, вокоја матичните лекари упатуваат пациенти од регионот на Делчево, Берово и Пехчево, а во септември почнаа да функционираат и амбулантите во Општа болница Струмица, каде се упатуваат пациенти од Струмица, Гевгелија и Дојран, како и во Општа болница Велес каде се испраќаат пациенти од регионот на Велес, Кавадарци, Неготино и Свети Николе. Од почетокот на октомври се отворени нефролошките амбуланти во Клиничка болница Тетово и Клиничка болница Битола, а од месец ноември предвидено е да функционираат и нефролошки амбуланти  во  Општа болница Кочани и Општа болница Прилеп.