Граѓаните сами ќе си викаат инкасатор за проверка на водомерот

ЈП „Водовод и канализација“ наскоро ќе воведе можност корисниците самите да можат да повикаат инкасатор за да ја прочита состојбата на водомерот, во период кога тие ќе бидат дома. Новиот проект на јавното водоводно претпријатие е поради голем прој поплаки од граѓани, во чии домаќинства не се чита редовно состојбата на водомерот, поради тоа што најчесто кога инкасаторите се на терен, корисниците се на работа. Оваа новина се воведува со цел да нема повеќе изговори дека водомерите не биле навреме прочитани.

Новиот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Александар Атанасов, најави дека граѓаните ќе може водомерот да го сликаат со паметен телефон и состојбата да ја испратат на мејл или на страницата на „Водовод“, и од наредниот  месец веќе ќе добиваат сметка со прочитан водмер. А доколку корисниците не по нивна вина имаат заостанато кубици кои не се во состојба да ги платат наеднаш, тоа ќе може да се спроведе на повеќе рати.

Атанасов, ги демантираше гласините дека новите сметки за вода ќе бидат обоени во три бои кои ќе укажуваат на тоа колку корисниците се редовни плаќачи.

„Новите сметки за вода нема да се дистрибуираат во боја. Сметка со дискретна сина линија во внатешноста ќе означува редовни плаќачи. Портокалова линија ќе биде за заостанати сметки за вода, бидејќи сакаме да ги информираме за заостанатиот долг што се’ уште не е оптужен. Третиот вид на сметки, во внатрешноста ќе имаат црвена линија, што означува дека кориснците се оптужени и им тече затезна камата. Во ваков случај, корисниците може да дојдат кај нас и да се склучат договор на рати и тужбата да се повлече“, вели Атанасов.

Новите сметки се со цел да се подобри информираноста на граѓаните, да не се доведат во ситуација да треба да плаќаат камати и казнени поени. Бидејќи од моментот кога „Водовод“ ќе поднесе нотарски акт или тужба, до нивно стигнување на домашна адреса на корисникот, може да помине и три до четири месеци, а за тој период каматата ќе тече. За да се избегнат сите тие трошоци, се воведува овој начин на опомени.