Македонија

Граѓаните задоволни од услугите на општините

Граѓаните задоволни од услугите на општините

Граѓаните генерално се задоволни од квалитетот на животот во нивните општини и од услугите што ги добиваат. Но, посочуваат и области на кои треба да се работи, при што како најнеопходни, услугите во однос на социјалната заштита, односно опфаќање на ранливите групи, локалниот економски развој и вработувања.

Тоа го посочуваат резултатите од анкетата спроведена од УНДП која денеска беше презентирана на годишната конференција „Децентрализацијата и локалниот развој во перспективите на членството во ЕУ“ организирана од Министерството за локална самоуправа и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).

Според министерот за локална самоуправа Лирим Шабани на форумот ќе бидат презентирани постигнувањата во локалниот развој, а искуствата ќе бидат искористени во новата програма за децентрализација која е во завршна подготовка пред да биде усвоена на Влада.

– Очекувам да се дебатира за сегментот на регионалниот развој, каде децентрализацијата и рамномерниот регионален развој по серија истражувања и анализи направени од нас како Министерство со нашите партнери, успеавме да идентификуваме наши недостатоци, рече Шабани.

Тој додаде дека на конференцијата ќе стане збор и за ИПА-прекуграничната соработка и помошта што ја добиваме од ЕУ.

– Оваа година ја привршуваме ИПА програмата за периодот до 2014 година, а во меѓувреме чекаме одобрување на новата програма 2014-2020. Од тука сакам да упатам апел до сите општини и субјекти во општините и регионите да подготват квалитетни проекти и на почетокот од 2015 година кога ќе бидат објавени јавните повици да аплицираат во Министерството, рече министерот Шабани.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, Коце Трајановски истакна дека децентрализацијата е многу важен сегмент во пристапувањето кон ЕУ оти само со добро развиени општини можеме да влеземе во ЕУ. Од 2005 година кога почна децентрализацијата Република Македонија, додаде тој, многу активно работи на подигнувањето на нивото на организираност, оспособеност и ефикасност на локалната власт.

– Навистина имаме постигнато огромни резултати ако ја погледнеме 2005 и 2014 година. Тоа е благодарение на заедништвото кое што го имаме во ЗЕЛС, бидејќи сите одлуки се донесуваат скоро консензуално, како и на соработката со Владата во многу сегменти. Но, сметаме дека има уште многу области каде треба да ја доградиме оваа соработка, пред се, со поголема вклученост на општините во донесувањето на клучните одлуки за децентрализацијата, рече Трајановски.

Тој оцени дека е потребна вклученост на општините при распределбата на средствата од ИПА фондовите, како и при почетната фаза од процесот на подготовка на законите, а не откако ќе бидат доставени во Собранието, бидејќи вели, 70 отсто од законските решенија се однесуваат на општините, а со цел законот што ќе се донесе да биде ефикасен и применлив.

Според Трајановски, потврда за постигнувањата на ЗЕЛС и придонесот кон евроинтеграцијата на земјата, се и пофалбите за нивното активното учество и добрата работа на Консултативниот комитет меѓу ЕУ и РМ, како и постигнувањата во делот на прекуграничната соработка.

– Локалната самоупарва оди со забрзани чекоти напред и е фактор со кој РМ може да се гордее. Тоа го покажуваат и сите извештаи на ЕУ каде позитивно е оценет развојот на децентрализацијата, рече Трајановски.

За УНДП работењето на локално и регионално ниво е навистина голем приоритет затоа што вистинскиот развој може да се случи само на локално ниво, вели Лујза Винтон постојан претставник на УНДП во Македонија.

– Имавме напорна година заедно со Министерството за локална самоуправа и нашите активности опфаќаа воспоставување на три мрежи за локален интензивен развоји и воспоставување пет центри за развој на бизнисот со поддршка на малите и средни претпријатија. Задоволни сме што акнетата на граѓаните и другите истражувања спроведени изминатат година за можностите и предизвиците со кои се соочуваат општините ќе послужат при утврдувањето на насоките на политиката за новата програма за локална самоуправа во периодот 2015 – 2020 која е во фаза на подготовка, рече Винтон.

Делегатите на Генералното собрание ќе дискутираат и за Акцискиот план на ЗЕЛС за 2015 година, како и за Буџетот на Заедницата за 2015 година, а ќе изнесат и одредени предлози и решенија за надминување на предизвиците со кои се соочуваат во спроведувањето на префрлените надлежности на локално ниво.