Граѓанска несовесност: За три месеци уништени 200 сообраќајни знаци

Јавното претпријатие „Улици и патишта“ ја информира јавноста дека во изминативе три месеци се уништени и оштетени околу 200 сообраќајни знаци што се поставени по должината на градските сообраќајници.

Екипите на ЈП „Улици и патишта“ вршат редовна контрола на поставената вертикална сигнализација со цел да се овозможи безбедно одвивање на сообраќајот. Тие ги санираат штетите направени на сообраќајните знаци, а онаму каде што знакот е целосно уништен и не може да се поправи се заменува со нов.

Според податоците на претпријатието, најмногу оштетувања на сообраќајни знаци се забележани на улиците во централното градско подрачје, на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров кон Сарај, како и на улиците во општината Шуто Оризари. Несовесни граѓани ги бојадисуваат знаците со спрејови, ги искористуваат како рекламни табли и на нив лепат рекламен материјал, ги искривуваат, а голем дел од нив и целосно ги отстрануваат.

ЈП „Улици и патишта“ апелира до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат поставените сообраќајни знаци и да ја почитуваат патната сигнализација со што ќе придонесат за безбедно одвивање на сообраќајот.