Македонија

Граѓанско движење за одбрана на Македонија: Aферата „Пуч“ мора да има брза судска разрешница

Граѓанско движење за одбрана на Македонија: Aферата „Пуч“ мора да има брза судска разрешница

Верувајте во нашите институции, бидете спокојни и верувајте во нашето јавно обвинителство и во судството, а аферата „Пуч“ мора да има брза судска разрешница, забележа Александар Климовски  на синоќешната трибина во Штип организирана од членовите на Граѓанското движење за одбрана на Македонија. Според Климовски, случајот има правна и политичка димензија, пренесува МИА.

– Правната димензија отвора многу прашања, иницирање на постапката, која што веќе е иницирана преку поднесување кривична пријава од страна на премиерот до лицето З.З. Понатаму, поведување истрага во Јавното обвинителство околу тоа дали тие докази кои што ги доставило лицето З.З имаат правна валидност, затоа што денес кој било може со употреба на современите електронски средства за комуникација да си направи такви компилации од разговори, па дури и да ги имитираат тие такви разговори, кои што ќе доведат до ситуација луѓето да поверуваат дека навистина се случувале. Се додека Јавниот обвинител не утврди дали тие докази се валидни, а прво тие се анблок невалидни, затоа што се употребени од странски служби, значи служби од странска држава при прибавување на тие документи, докази. Значи анблок треба да бидат отфрлени тие докази, тие цедиња кои што се доставени како доказен материјал, вели Климовски.

Тој додава дека постапката треба да се продолжи со проширување на кругот на лица кои што помагале на, како што рече, лицето З.З. при доставувањето на тие информации.

Историчарката Виолета Ачковска вели дека одговорот на тоа кој денеска ги прави „бомбите“ на македонската политичка сцена и кој прави, како што вели, вакви скандалозни шпипонски афери е дека тоа се токму оние исти луѓе кои работеле претходно за УДБА и КОС, кои пред 1991 година полнеа многу патриотски досиеја, бидејќи не го прифаќале знамето, името ФИРОМ .

– Истите тие луѓе сега ги монтираат и овие „бомби“ чија цел е да се дестабилизира нашата држава, да се компромитира надвор, да се клекне на колена за некој друг да ги решава нашите работи на некаква зелена валкана грчка рамковна маса, рече Ачковска.

Актерот Тони Михајловски пред штипјани истакна дека треба да се застане на браникот на сопствената земја, на сопствениот народ и сопствените деца и нивната иднина, бидејќи, како што рече, не се води војна само со пушка и не се гине само од куршум.

– Не е од вчера дека нас не напаѓаат, нас не поништуваат со векови наназад, а ние опстојавме и дрско им се смееме во лице. Многу луѓе рекле многу умни работи, а мојот народ рекол една болна работа – проклети да се предавниците. Таа мисла не ја измислил од убаво, од што сакал, туку од што морал, вели Михајловски.

Братислав Димитров заблежа дека познатиот чешки претседател Вацлав Хавел, кој бил претходно дисидент и затвореник на комунизмот, рекол „Комунизмот умре, но никој не го видел трупот“.

Аналитичарот Александар Пандов вели дека актуелните состојби меѓу истокот и западот на светско ниво се рефлектираат и на Балканот, преку паничното бегање на граѓаните од Косово, економскиот аспект на Грција и во земјава преку телефонските разговори кои ги презентираше лидерот на опозицијата, а кој, според него, ги има добиено од грчките тајни служби, бидејќи не случајно Заев границата ја преминувал пеш, а има автомобил од 80.000 евра.

Членовите на Граѓанското движење за Одбрана на Македонија повикаа на единство, бидејќи не смее да се дозволи  инволвирање на странските служби во внатрешните работи на нашата земја.