Граѓанското движење за одбрана на Македонија со поддршка и од Штип

Спортисти, актери, универзитетски професори, лекари, наставници, пензионери, студенти и интелектуалци денеска се сообраа во Штип да го дадат својот потпис за поддршка на Граѓанското движење за одбрана на Македонија.

Драматургот Трајче Кацаров, универзитетските професори Благој Ничев, Борче Крстевски, Блаже Китанов и анестезиолог Билјана Ефтимова ги повикаа, како што рекоа храбрите граѓани и оние кои што веруваат во демократска, граѓанска држава, да дадат подршка на движењето за одбрана на Македонија, пишува Курир.

– Јас се надевам дека нема човек, жител на Македонија кој не си ја сака својата држава. Ние граѓаните на Република Македонија обединети и сплотени во Граѓанското движење за одбрана на Македонија следејќи ги светите традиции на нашите предци кои низ вековите несебично го давале својот живот за македонската кауза повикуваме на будност и на одбрана на нашата татковина. Поединци, групи и партии понесени од својата алчност за власт не бираат средства и ги поткопуваат темелите на правната држава. Тоа стои во Платформата на Граѓанското движење на Македонија, вели Кацаров.

Тој додава дека власта се добива и се губи на демократски избори.

– Јас се согласувам постојано кога некој ќе биде мој противник или ќе биде противник на мојата партија и ќе биде противник на мислењето на на големиот број граѓани и да излезат на мегдан, а мегдан се изборите. Секој на изборите има можност, ги има сите права, дури не ни одговара кривично, ниту граѓански го гонат за се она што ќе го кажат за време на кампањата. Еве ви кампања, еве ви избори, еве парламент, еве совет и таму треба да се кршат копјата, вели Кацаров.

Штипјани кои денеска се собраа да дадат јавна подршка на Платформата на Граѓанското движење за одбрана на Македонија порачаа дека стојат во одбрана на граѓаните и се против секое мешање на странските служби во внатрешните работи на земјата.