Гран при за филмот „Свадба.док“ на Фестивалот за аматерски филм „Велес 2015“

Александар Андоноски од Прилеп за филмот „Свадба.док“ е добитник на Гран при наградата и наградата за режија на 44. Државен фестивал на непрофесионален филм „Велес 2015“ во организација на Кино Сојузот на Македонија, Народна техника на Македонија и Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес.
На сцената на велешкиот театар, синоќа наградата му ја врачи претседателот на жирито Јордан Витанов. Витанов заедно со останатите два члена на Жири комисија – Илинденка Петрушева  и Миле Петковски, го издвоија филмот на Андоновски во силна конкуренција од прикажани 19 филмови од вкупно 44 кои пристигнаа на фестивалот. 
 
Воедно, од Светската асоцијација на непрофесионален филм УНИКА беше врачена специјална награда-златен медал на Кинотека на Македонија. Наградата на директорката на Кинотека на Македонија Мими Ѓоргоска Илиевска и ја врачи Саша Дукоски претседател на Кино Сојузот на Македонија.
 
Жирито традиционално додели и златна, сребрена и бронзена плакета во пет категории – за документарен, краток игран, експериментален, анимиран и едноминутен филм. Златната плакета во категоријата едноминутни филмови ја доби Леон Ристов автор на филмот „Ранливи“, во категоријата анимирани филмови филмот на Ѓунај Јусуфоски и Стефани Крстеска „Облеката не го прави човекот“, а во категоријата експериментални филмови ја понесе филмот „Тие три збора“ на авторките Тина Виторовиќ и Душица Симовска.
 
Во категоријата документарни филмови жирито одлучи златната плакета да ја добие Перо Кованцалиев за филмот „Вујче“, а во категоријата кратки играни филмови филмот„Кројачи“ на Тамара Котевска.
Беа доделени и авторските награди. Награда за најдобра монтажа филмот „Свадба.док“ добија Јован  Вељановски и Зоран Пиловски, за најдобро сценарио Ана Андонова за филмот „Грашок“, а за најдобра камера  Дејан Џолев за филмот „Кројачи“.
 
Инаку, жирито одлучи првпат да додели и специјална награда  за најдобра музика на Џенгис Ибрахим за филмот „Правецот“. Воедно, добитникот на Гран при, Александар Андоноски доби и награда за најдобра режија.
 
Во изјавата за МИА, Андоноски  појасни дека ова му е прво учество на овој и сличен фестивал и затоа е пресреќен што  добива награда која многу му значи за неговата понатамошна кариера како штотуку дипломиран режисер.
 
– Јас сакам да бидам од онаа задна, а не предна  страна на камерата и не во центарот на вниманието и затоа одлучив да бидам режисер и  тоа е причина што вечерва имав трема кога ја примав наградата. Ова е големо искуство за мене кое ме тера да продолжам да работам со полна пареа и се надевам дека ќе успеам во оваа моја желба, потенцира Андоноски.
 
Членот на жирито, угледниот македонски филмски критичар, филмолог и истражувач на филмот, Илинденка Петрушева, оцени дека годинава фестивалот бил доста квалитетен бидејќи пристигнале голем број филмови. Впечаток и оставила и разновидноста на пристигнатите филмови од сите категории.
 
– Не беше воопшто тешко да се одлучиме што да наградиме, бидејќи најдобрите филмови веднаш се издвоија. Она што годинава посебно го издвојувам  беше користењето на музика што е посебно важно не’ само во аматерскиот туку и во професионалниот филм. Јас останав без збор за музиката за анимиран филм, кој траеше две минути, а за кој што е направена специјална музика. Тоа е филмот „Правецот“ и затоа по првпат на фестивалот одлучивме и доделивме и награда за музика на Џенгис Ибрахим, потенцира Петрушева.
 
Роберт Јанкулоски генерален секретар на Кино Сојузот на Македонија во својство на организатор на фестивалот појасни дека целта на овој фестивал е да ги промовира младите автори, а во што и со години успева тие потоа да прераснат во професионални автори на филм. Воедно, годинава првпат во конкуренција влегле и многу филмови на студенти по режија.
 
– Оваа година и официјално филмовите на студентите кои студираат филмска уметност во земјава, а коишто спаѓаат во категоријата непрофесионални филмови беа многубројни на овој фестивал и рамноправно влегоа во конкуренција со другите автори. Посебно ме радува што  има доста млади автори на филмови, а кои се добри и кои преку овој фестивал  се потврдуваат со својот квалитет и така можат да продолжат со својата понатамошна, професионална кариера, потенцира Јанкулоски.
 
Инаку, Јанкулоски оцени дека авторите на непрофесионални филмови од Македонија се’ на ниво на нивните колеги од Европа и светот, а за што потврда се бројните награди на македонски автори на овие светски фестивали на УНИКА.
 
– Минатата година македонските автори освоија бронзена плакета, а пред две години една сребрена и две бронзени плакети. Очекуваме и годинава да добиеме  награда од Фестивалот  на неаматерски филм на УНИКА што во август ќе се одржи во Санкт Петербург во Русија, како и на други светски фестивали во разни држави во светот кои се одржуваат секоја година, вели Јанкулоски