Македонија

Партиски послушници дежураат за „бонуси“, иако немаат полициски овластувања Гранични полицајци се „потепаа“ за дежурства

Гранични полицајци се „потепаа“ за дежурства

Вработни во МВР кои се наклонети кон партиите на власт, како и нововработени полициски службеници кои се истакнале за време на изборните активности, секој празник се ангажираат за дежурства за да добијат прекувремени, празнични часови, дознава „Нетпрес“ од извори во полицијата.

Оваа манипулација особено била истакната во Граничната полиција, каде се „потепале“ да дежураат за Велигденските празници. Па така под изговор за наводен шверц и криминал на границата, освен „заслужни“ полицајци на терен биле ангажирани лица вработени во аналитика, логистика и други одделенија, а кои немаат полициски овластувања.

Според Законот за внатрешни работи, ваквите лица не смеат да се упатуваат на терен каде нужно мора да преземат полициски овластувања доколку дојде до тоа. На тој начин се загрозува нивната лична, но и безбедноста на нивните колеги.

Освен во Граничната полиција, проблемот со манипулација со дежурствата, односно со полицајци кои се „наградени“ со празнични часови кои се дополнителен додаток на плата е присутен и кај редовната полиција.

Проблемот со прекувремени часови постои одамна во МВР, а сега е посебно истакнат бидејќи нема нов Колективен договор на вработените во МВР, а постојниот истекол во април лани.

Токму затоа Независниот полициски синдикат на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски минатиот месец му врачи на увид нацрт од новиот Колективен договор, изработен од синдикалците.

Според предложениот договор, предвидено е со секоја нова систематизација работникот да може да се симне најмногу до едно ниво, согласно работното место каде претходно работел, како и да се прецизира јасно и концизно што се прекувремени часови, да се врати правото на регрес за годишен одмор и друго.

Поради посебните услови за работа и опасноста по живот, во новиот колективен договор се предвидува дополнителен додаток на плата за полициските службеници, униформираните полициски службеници, вработените во Одделот за внатрешна конотрола и професионални стандарди. Синдикалците предлагаат  воведување на т.н. пасивно дежурство за сите полициски службеници кои, и денес го извршуваат, а за тоа не се соодветно платени.