Грчева: СДСМ барем еднаш да ги праша граѓаните за мислење

Пратеничката Солза Грчева, која е од редовите на опозицијата е уште една во низата незадовoлни од СДСМ по синоќешниот договор за надминување на политичката криза.

Таа своето незадоволство го искажа преку статус на својот Фејсбук профил, во кој ги прашува СДСМ дали извршниот одбор на партијата се граѓаните и им порачува да прошетаат и да ги прашаат граѓаните што мислат.

-Јас не гледам дека „Граѓаните ја преземаат контролата на власта“. Извршниот одбор на СДСМ се граѓаните? Тешко дека е така. Прошетајте и прашајте ги граѓаните. Барем еднаш, им порачува Грчева на СДСМ.

solza-fb

На социјалните мрежи може да се забележи големо разочарување меѓу членовите на СДСМ. Незадоволни, тие прашуваат дали се бореле за тоа Заев да ги вдоми неговите луѓе.

По синоќешниот договор, нов министер за внатрешни работи треба да биде Оливер Спасовски, сегашниот генерален секретар на СДСМ, а Фросина Ременски да биде нов министер за труд и социјална политика. Потпретседателот Александар Кирацовски ќе биде заменик-министер за информатичко општество и администрација, Кире Наумов заменик-министер за финансии и шефот на кабинет на Заев, Љупчо Николовски заменик-министер за земјоделие.