Македонија

Грчева: Бојкотот за мене не е прифатлив, размислувам за враќање во Парламентот

Грчева: Бојкотот за мене не е прифатлив,  размислувам за враќање во Парламентот

Пратеничката од СДСМ, Солза Грчева, деновиве е се’ погласна во нејзините размислувања дека чекорот на високото раководство на опозицијата за бојкот на Парламентот е погрешен и дека борбата за уривање на власта треба да се води во институциите, a не на улица.
Таа, за порталот „Либертас“,  вели дека размислува да не го врати пратеничкиот мандат, бидејќи тој и е добиен од граѓаните и како нивен преставник во законодавниот дом има обврска кон нив.

„Јас со крвава работа во советот ја добив честа да бидам на пратеничката листа на опозицискиот блок. До последен момент, до среда кога конечно треба да ни биде верификувано враќањето на мандатот ќе бидам гласна дека овој бојкот што го предложи раководството за мене не е прифатлив и сметам дека поинаку треба да ја водиме борбата за уривање на власта. Ќе размислувам до последен момент, и како ќе продолжам ќе биде моја одлука, посочи Солза Грчева од СДСМ во изјава за „Либертас“.

Таа, исто така вели дека и е префрлено плата за 20 дена, но не само на неа, туку и на сите други освен на Шилегов, Локвенец и уште еден бизнисмен од НСДП кои се изјасниле дека не сакаат да се водат како вработени во парламентот. Но, негира дека подигнала службен лаптоп и мобилн телефон. Според објаснувањето на Грчева , таа  само го поврзала приватниот лаптоп со собранискиот акаунт за да добива материјали и да ја следи работата на Собранието, а службите и понудиле мобилен телефон,  но, не земала.