Балкан

„Грчка маслинка“ влегува во парламентот во Атина

„Грчка маслинка“ влегува во парламентот во Атина

Нова левоцентристичката формација под името „Грчка маслинка“ по иницијатива на 58 личности од светот на политиката, науката и уметноста ќе биде официјално претставена во понеделник во Атина, пренесува весникот „Катимерини“.

Иако лидерот на ПАСОК, Евангелос Венизелос изрази поддршка за иницијативата, неколку актуелни и поранешни пратеници од Социјалистичката партија, помал партнер во владејачката коалиција, изгледа не се убедени во шансите за успех.

Засега не е познато кои пратеници од ПАСОК ќе присуствуваат на настанот.

Во меѓувреме, претставниците на Демократската левица (ДИМАР), која ја напушти владината коалиција поради несогласување со одлуката за затворање на државната радио и телевизија ЕРТ , се спротивставија на одбивањето на лидерот на ДИМАР, Фотис Кувелис да започне дијалог со „Грчка маслинка“, пренесува весникот .

Дури и пред новата формација да започне официјално да постои, истакнати членови на иницијативата изгледа се раздвоени во однос на насоката во која треба да делува.

Поранешниот пратеник од ПАСОК и министер Ана Диамандопулу навести вчера дека „Грчка маслинка“ треба да стане регуларна политичка партија. Друг поранешен министер на ПАСОК – Никос Бистис, сепак индиректно ја исклучи ваквата перспектива.

Иницијативата ја покрена 58 грчки интелектуалци, економисти, универзитетски професори, писатели, бизнисмени и уметници.