Грчка Влада: Сакаме енергетска соработка со соседите и се надеваме на договор за рускиот гас

Грција искрено посакува енергетска соработка со соседите и значајно е тоа што рускиот гасовод, за кој што се надеваме дека ќе има договор, ќе минува и низ Македонија.

Ова на денешниот брифинг со новинарите го истакна портпаролот на грчката владата Гаврил Сакеларидис, одговарајќи на прашањето на дописникот на НетПрес за тоа какви економски и политички придобивки се очекуваат од учеството на двете соседни земји во „Турски тек“.

– Сметаме дека е значајно тоа што овој гасовод ќе минува и низ северните земји од Грција, како што е Македонија, а понатаму и низ другите земји. Грчката влада искрено посакува да има енергетска соработка и со соседните земји, па така и Грција и грчката економија да бидат потпомогнати, а се разбира и соседните земји да имаат добивка од тоа, изјави Сакеларидис.

Во врска со последните случувања во Македонија, Сакеларидис истакна дека грчката Влада е загрижена и со внимание го следи развојот на настаните.

Во меѓувреме, шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас најави посета на Македонија во текот на следниот месец. Тој по вчерашната средба со македонскиот колега Никола Попоски истакна дека постојат интересни совпаѓања во предлог мерките за градење доверба што двете страни ги разменија. Двајцата соговорници разговарале за тоа овие совпаѓања да се разработат и процесот да се движи напред.