Грчка владина делегација на средба со тројката во Париз

Грчка владина делегација денеска во Париз ќе се сретне со претставници на тројката меѓународни кредитори, а разговорите кои ќе траат два дена, се со цел надминување на несогласувањата меѓу двете страни и рестартирање на замрената економска проценка пред последниот состанок за годинава на Еврогрупата на 8 декември, јавува МИА, пренесува Нетпрес.

Извори блиски до премиерот Андонис Самарас за грчките медиуми изјавиле дека разговорите во Париз може да обезбедат враќање на тројката на Атина, како и договор во врска со изгледите на Грција по завршувањето на европскиот дел од договорот за финансиска помош на 31 декември.

Самарас и неговиот коалициски партнер, лидерот на ПАСОК, Евангелос Венизелос, синоќа се сретнаа за да ги финализираат грчките позиции за клучните прашања. Венизелос по средбата рече дека состанокот во Париз ќе ја донесе Атина „еден чекор поблиску до крајот на преговорите“. Министерството за финансии претходно исто така соопшти дека средбата е договорена со цел „да се забрза проценката и да се испита рамката за иднина“.

Но, официјални претставници на тројката посочија дека разговорите во Париз ќе се фокусираат само на тековната ревизија, а не на изгледите за следната година.

– И двете страни треба да продолжат да работат заедно со цел завршување на ревизијата, изјави портпаролката на Европската комисија Мина Андреева. Друг извор од тројката рекол дека ќе биде „многу тешко“ проценката да заврши оваа година.

И покрај резервираноста, грчките власти се надеваат дека дводневните разговори во францускиот главен град ќе донесат компромис до четврток, кога претставници од еврозоната ќе одржат состанок на Евро работната група во рамките на подготовките за самитот на Еврогрупата на 8 декември.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.