Македонија

Грчката црвена линија за името се радикализира – Независни Грци не го прифаќаат терминот Македонија во решението

Грчката црвена линија за името се радикализира – Независни Грци не го прифаќаат терминот Македонија во решението

Наместо пријателски сигнали од новата влада, грчката црвена линија за името се чини дека се радикализира, јавува дописникот на Нетпрес од Атина. Весникот Катимерини повикувајќи се на партиски извори, открива детали од договорот постигнат меѓу коалициските партнери во новата влада, Алексис Ципрас и Панос Каменос, според кој што евентуалното решение за името не смее да содржи дериват од терминот Македонија.

Истите извори откриваат дека Ципрас и Каменос договориле – Независни Грци да ја поддржат економската политика на Сириза, а тие пак за возврат да ги почитуваат нивните црвени линии за националните прашања, како на пример прашањето со името. Ставот на Независни Грци е дека евентуалното решение за името не смее да биде сложено име со географска одредница ерга омнес кое што ќе го содржи терминот Македонија.

“Сириза, на пример, нема да продолжи со решение за прашањето за името на пј Р Македонија за сложено име со кое Независни Грци не се согласуваат. Ниту пак, ќе ја оддели црквата од државата“, информира „Катимерини“.

Доколку најавите на Катимерини се точни, тогаш извесна е радикализацијата на и така максималистичката грчка црвена линија за името. Независни Грци со години наназад се едни од најгласните противници за решение што би го содржело и терминот Македонија, а лидерот Каменос тоа го повтори и во рамките на предизборната кампања на средба со митрополитот Антимос во Солун.

– Пред Господ и пред народот му одговарам на Неговата Светост дека Независни Грци гарантираат дека ниту Самарас, ниту Венизелос, ниту пак Ципрас ќе го преговарааат името на Македонија. Македонија е грчка и не прифаќаме географска одредница, беше пораката на Каменос од Солун, нагласувајќи дека неговата партија го дели ставот на грчката црква.

Во исчекување на објавувањето на новиот состав на грчката влада, според неофицијални информации, Панос Каменос најверојатно ќе биде новиот министер за одбрана.