Грчката црвена линија за името се радикализира?

Наместо пријателски сигнали од новата влада, грчката црвена линија за името се чини дека се радикализира. Весникот „Катимерини“ повикувајќи се на партиски извори, открива детали од договорот постигнат меѓу коалициските партнери во новата влада, Алексис Ципрас и Панос Каменос, според кој што евентуалното решение за името не смее да содржи дериват од терминот Македонија.

Истите извори откриваат дека Ципрас и Каменос договориле – „Независни Грци“ да ја поддржат економската политика на СИРИЗА, а тие пак за возврат да ги почитуваат нивните црвени линии за националните прашања, како на пример прашањето со името. Ставот на „Независни Грци“ е дека евентуалното решение за името не смее да биде сложено име со географска одредница „ерга омнес“, кое што ќе го содржи терминот Македонија, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

– СИРИЗА, на пример, нема да продолжи со решение за прашањето за името на Македонија за сложено име со кое „Независни Грци“ не се согласуваат. Ниту пак, ќе ја оддели црквата од државата, информира „Катимерини“.

Доколку најавите на весникот се точни, тогаш извесна е радикализацијата на и така максималистичката грчка црвена линија за името. „Независни Грци“ со години наназад се едни од најгласните противници за решение што би го содржело и терминот Македонија.