Грчката левица бара отпишување на дел од државниот долг

Грција ќе побара договор за отпишување на околу една третина од нејзиниот долг, ако левичарската опозициска партија СИРИЗА победи на парламентарните избори, изјави денеска пред новинарите во Париз лидерот на партијата, Алексис Ципрас, пренесе „Ројтерс“.

Ципрас, кој ја предводи листата на Европската левица за изборите за Европскиот парламент во мај, рекол дека проблемите на неговата земја не може да бидат решени со нови заеми, што ќе бидат искористени за сервисирање на старите и за поддршка на банките.

„Одлуката не е во уште кредити. Решението е помалку заеми и помал долг“, рекол Ципрас, чија партија води пред конзервативната Нова демократија на премиерот Андонис Самарас, според резултатите од анкетите спроведени врз населението.

Грција, која доби два спасувачки заеми во вкупна вредност од 240 милијарди евра од партнерите во еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд, треба да ги одржи следните парламентарни избори во 2016 година, но постои веројатност за предвремени избори, ако нестабилната десно – левичарска коалиција на Самарас го загуби парламентарното мнозинство .